Abdula Berisha,Dzihat Aliju
16 Јуни 2023•Ажурирај: 16 Јуни 2023
СТРУГА (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, повика на зачувување на кредибилитетот на процесот на евроинтеграција со вклучување на земјите од Западен Балкан во сегменти од заедничките политики на Европската Унија (ЕУ) уште пред целосното членство на земјите од регионот во ЕУ, јавува Анадолу.
Министерот Османи го имаше воведното излагање на сесијата насловена „Дали француско-германската иницијатива за реформа на ЕУ го означува враќањето на локомотивата во погон?“ за време на Преспа форумот за дијалог (ПФД) што се одржува во Струга.
Османи истакна дека актерите треба да бидат загрижени затоа што уште од 2003 година, односно од Самитот во Солун каде што беше дадено ветување дека регионот му припаѓа на ЕУ, само Хрватска влезе во ЕУ и во ова не успеа ниту една друга земја од Западен Балкан.
„Ако продолжиме вака, 21 година по ова ветување, мислам дека двете страни само се преправаат. ЕУ се преправа дека работи напорно за да не однесе таму, ние овде се преправаме дека работиме толку напорно за да бидеме таму“, рече Османи.
Тој наведе дека главна причина за тоа е комплицираниот процес на одлучување во ЕУ, каде што е потребно одобрение од 27 земји членки и каде што се смета дека со натамошно проширување, ЕУ ќе стане нефункционална.
Османи истакна дека мора да се зачува кредибилитетот на интегративниот процес, нагласувајќи дека има намалување на популарноста на ЕУ во Северна Македонија поради многуте отстапки што земјата мора да ги направи.
Тој изјави дека треба да се разгледаат начини за забрзување на фазите за членство, за да има годишни цели каде населението ќе осети опипчиви резултати од процесот на европска интеграција, наместо само да се надева на полноправно членство.
„Веќе имаме неколку примери каде ЕУ извезла институции и вредности во регионот, пред членството. Имаме визна либерализација, ја имаме енергетската заедница, ја имаме транспортната заедница. Она што ни треба е да ја прошириме оваа сфера на политики, каде ќе бидат учесници земјите од Балканот Запад пред полноправното членство“, рече Османи.
За време на панелот, специјален гостин беше и шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман, кој му се заблагодари на својот колега Османи за работата што ја врши во ОБСЕ.
Зборувајќи за интегративниот процес на земјите од регионот во ЕУ, тој рече дека „Хрватска се залага за проширување на Западен Балкан. Ние сме гласни поборници за проширување според пристапот и индивидуалните заслуги“.
Тој рече дека Северна Македонија е меѓу првите земји што ја осуди руската агресија врз Украина и заедно како сојузници се „на иста страница од историјата“.
Радман потсети дека од минатата година кога се организираше Преспа форумот за дијалог во Охрид, Хрватска влезе во Шенген зоната и ја воведе валутата на еврото како валута на неговата земја, изразувајќи надеж дека што поскоро ќе ја види Северна Македонија како дел од ЕУ.
„Како членка на ЕУ, која преговараше за нејзиното членство додека се обидуваше да направи големи институционални реформи, мојата земја Хрватска е свесна за предизвиците што тие ги носат. Беше напорна работа, но ја заслуживме“, рече тој.
Зборувајќи за кризата по руската војна во Украина, тој рече: „Би сакале да видиме дека сите земји од Западен Балкан ја промовираат регионалната стабилност и треба да се приклучат на европската надворешна и безбедносна политика за да ја осудат руската агресија и да ги спроведат санкциите“.
Преспа форумот за дијалог е платформа создадена од Владата на Северна Македонија за да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнат партнерствата.