Gorana Jakovljevic
17 Јули 2022•Ажурирај: 18 Јули 2022
БЕЛГРАД (АА) - Министерството за надворешни работи на Србија упати протестна нота до Амбасадата на Хрватска во Белград по повод одлуката на хрватската власт да ја забрани посетата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Јасеновац, што вршителката на должност амбасадор во Белград одби да ја прими, известува Агенција Анадолија (АА).
Тоа го соопшти министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, на конференцијата за новинарите во Белград, наведувајќи дека во прашање е застрашувачка одлука на Хрватска и дека Владата на Србија ќе донесе одлука за воведување противмерки.
„Министерството за надворешни работи на Република Србија е шокирано од противправната, антиевропската и антицивилизациската одлука на Министерството за надворешни работи на Република Хрватска со која врз основа на арбитражно искажана волја на хрватските власти, грубо се кршат принципите на слободно движење и се забранува доаѓањето на претседателот на Србија во Јасеновац, на местото на страдањата на повеќе стотици невини жртви на српската, еврејската, ромската и други националности“, се наведува во протестната нота на Србија.
Селаковиќ на конференцијата за медиумите ја прочита нотата во која се наведува дека намерата на Вучиќ била само да положи цвеќе и да запали свеќа.
Министерството за надворешни работи ја извести Хрватска дека Вучиќ е заинтересиран да изведе службена посета на Јасеновац во кој било термин до 17 септември 2022 година.