Stipe Majic
06 Септември 2023•Ажурирај: 07 Септември 2023
ЗАГРЕБ (АА) - Министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Азербејџан, Џејхун Бајрамов, при што беше истакнато дека односите меѓу двете земји се развиваат во пријателски контекст, јавува Анадолу.
Двајцата министри по средбата потпишаа Меморандум за соработка меѓу Дипломатската академија на Азербејџан и Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска (MVEP RH), со цел подобра дипломатска соработка.
Министрите разговараа за безбедносната состојба во Источна и Југоисточна Европа и актуелните геополитички околности поради руската агресија врз Украина, при што беше изразена посветеноста на Хрватска за територијална целина и секоја друга форма на независност на Украина.
„Укажав на напорите што Европската Унија ги прави на највисоко ниво, со цел да придонесе за нормализирање на односите меѓу Азербејџан и Ерменија. Ние секогаш силно поддржувавме мирен начин за решавање на отворените прашања меѓу двете земји и го истакнав вистинскиот интерес на Европската Унија за постигнување мировен договор како предуслов за просперитетот и стабилноста на Јужен Кавказ“, изјави Гордан Грлиќ Радман.
Азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов ѝ се заблагодари на Хрватска за нејзиниот придонес во подобрувањето на постконфликтната ситуација меѓу неговата земја и соседна Ерменија.
„За жал, мојата клучна порака е дека Ерменија сѐ уште не покажува добра волја и не успева да заземе конструктивна позиција. Наместо тоа, ерменската страна игра игра на доцнење и конфузија“, рече Бајрамов.
Тој предупреди на честите вооружени провокации од ерменска страна на територијата на Нагорно-Карабах и лажната пропаганда со цел да се измами меѓународната заедница.
„Азербејџан е посветен на реинтеграцијата на граѓаните со ерменски корени што се на наша територија. Нивните права и слободи се целосно гарантирани со Уставот на Азербејџан и меѓународните механизми за човекови права“, рече Бајрамов.
Тој додаде дека спроведувањето на овие чекори, засновани врз почитувањето на меѓународното право, ќе овозможат мир и стабилност во Јужен Кавказ.
Бајрамов предупреди за хуманитарниот проблем со раселените лица и деминирањето, имајќи предвид дека по завршувањето на судирите во ноември 2020 година, 305 граѓани на Азербејџан, главно, цивили, биле убиени од мини.
Министрите разговараа за интензивирање на билатералните и економските односи, намалување на дефицитот на Република Хрватска во трговската размена, како и за зајакнување на политичката соработка. Трговската размена меѓу двете земји во претходната година надмина милијарда долари, а беше нагласена можноста за развој на економската соработка. Соработката е особено успешна на полето на увоз на сурова нафта од Азербејџан бидејќи во 2022 година во Хрватска се увезени 1,2 милиони тони од оваа стока.
Најавена е и претстојната посета на премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Азербејџан.