Ruslan Rehimov
14 Октомври 2021•Ажурирај: 15 Октомври 2021
БАКУ (АА) - Азербејџанскиот министер за надворешни работи, Џејхун Бајрамов, истакна дека се подготвени да ги нормализираат односите со Ерменија врз основа на почитување на принципите на меѓународното право, особено суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бајрамов присуствуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Заедницата на независни држави кој се одржа во Минск, главниот град на Белорусија.
На состанокот, осврнувајќи се на војната во Карабах, Бајрамов рече дека Азербејџан го обезбедил својот територијален интегритет со ставање крај на 30-годишната окупација.
Наведувајќи дека Ерменија ги уништи историските, верските и културните споменици на Азербејџан за време на периодот на окупација, Бајрамов нагласи дека проблемот сега е оставен зад нив, и дека нивната главна цел сега е реконструкција на ослободените земји и враќање на бегалците.
Осврнувајќи се на активностите за обнова што ги спроведува Азербејџан во ослободените области, Бајрамов рече: „И покрај тешкотиите, Азербејџан е подготвен да ги нормализира своите односи со Ерменија врз основа на почитување на принципите на меѓународното право, особено суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите.“
- Средба со Лавров -
Бајрамов, во рамките на неговите средби во Минск се состана и со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Азербејџан, министрите разговарале за билатералните односи и активностите што треба да се спроведат по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Русија и Азербејџан.
Бајрамов и Лавров разговараа и за регионални прашања и целосна имплементација на трипартитната Декларација потпишана од Азербејџан, Ерменија и Русија на 10 ноември 2020 година.