Abdula Berisha
02 Ноември 2020•Ажурирај: 03 Ноември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Советот на Град Скопје на денешната 9-та вонредна седница донесе Одлука за давање помош во износ од 3 милиони денари (речиси 50.000 евра) на настраданите од катастрофалниот земјотрес во Измир, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Со оваа одлука, како израз на солидарност за настраданите, Градот Скопје дава помош во износ од 3 милиони денари, износ што го доделуваме на сите градови за вакви и слични неприлики“, стои во соопштението на Град Скопје.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на седницата изјави дека Скопје знае што значи солидарноста во време на природни катастрофи и затоа потребата да се помогне на нашите пријатели во неволја е нужна и неминовна.
Градоначалникот Шилегов, исто така, упати длабоко сочувство за настраданите до градоначалникот на Измир, Тунч Сојер, и му посака побрзо санирање на штетите и враќање на животот во нормала.
Потсетуваме, земјотрес со јачина од 6,6 степени во петокот беше регистриран во близина на подрачјето Сеферихисар.
Според последните податоци од Управата за вонредни ситуации при Министерството за внатрешни работи на Република Турција (АФАД), во земјотресот во Измир загинаа 85 лица, додека 994 се повредени.