САРАЕВО (AA) - Граѓаните и функционерите на Сараево и Босна и Херцеговина (БиХ), роднините и пријателите, со полагање цвеќе, минута молк и молитва се присетија на сараевчаните кои се убиени на денешен ден во 1995 година, кај влезот во Градскиот пазар, јавува Anadolu Agency (AA).
Се собраа и се присетија на вториот масакр на пазарот „Маркале“, во кој се убиени 43 граѓани на Сараево, додека 84 се полесно и потешко повредени.
Минофрлачката граната испалена од агресорските положби од правец на Требевиќ, експлодираше кај северниот влез во сараевскиот Градски пазар во 1995 година, а српските воени, полициски и паравоени формации на денешен ден, пред 24 години, извршија уште еден во низата страшни злосторства во војната водена во БиХ од 1992 година до потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во ноември 1995 година.
Денес е положено цвеќе и прочитани се имињата на смртно настраданите сараевчани. Меѓу присутните беше и претседавачот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, потпретседателот на Федерацијата БиХ, Милан Дуновиќ, како и градоначалникот на Сараево, Абдулах Скака.
Меѓу 84-те ранети лица тој ден била и Америса Ахметовиќ.
„Имав 16 години. Тука останав без нога. Тоа беше тага, беше страшно. Секогаш ја чувствувам истата болка. Тоа е најтешко што на кој било можело да му се случи. Ние, кои тогаш загубивме некој свој или некој дел од телото, знаеме како ни е денес да живееме“, порача Ахметовиќ.
Од државата, како што рече, нема поддршка.
„Не сум задоволна со состојбата на сите цивилни жртви од војната. Знам дека на сите ни е исто. Немаме право на ортопедско помагало достојно за човек. Ние имаме протези од 1941 година. Примањата што ги добиваме се минимални и не се доволни за живот“, појасни Ахметовиќ.
Расим Косо исто така го преживеал масакрот на пазарот „Маркале“.
„Тука тој ден имаше многу народ кој бараше нешто од храна. Дојдов околу 11:15 часот. Видов што се случило. Беше ужасно, раце, глави... Стоев како да не сум ранет, а моите чевли беа полни со крв. Ме ставија во автомобил, бел „кеди“, ме внесоа на две мртви жени“, се присети Косо.
Ова место кај пазарот, како што рече, треба да се вика Плоштад на цивилните жртви од војната.
Дамир Малагиќ е еден од оние што го преживеале масакрот. Во таа 1995 година имал само 15 години.
„Загубив двајца другари. Работев на пазарот, продавав свеќи. Нив двајца ги испратив до вратата. Отидоа, а јас останав. Двајцата загинаа. И јас можев да загинам, но останав на вратите. Ме фрли детонацијата“, раскажа Малагиќ.
Сликите од тој ден, на загинатите и ранетите луѓе, порача тој, го прогонуваат и ден-денес.
Како што рече, никогаш по тој настан, немал поддршка од државните институции.
„Во последните четири месеци речиси да немало недела да не одбележувавме значајни датуми и настани што се поврзани за периодот 1992-1995 година. Секој од тие датуми има своја тежина. Денешниот има две симболики, а тоа е дека ова бил последен масакр што се случил во опколеното Сараево. Овој масакр бил причина за започнување на воздушните НАТО-удари по што се тргнало кон потпишување на мировниот договор“, потсети министерот за прашања на борците во Владата на Кантонот Сараево, Исмир Јуско.
Смета дека не постои сатисфакција за ниту една мајка, татко, дете, кои ги загубиле најблиските.
На „Маркале“ на 5 февруари 1994 година исто така падна граната од српските положби околу Сараево, кое беше под опсада, при што беа усмртени 68, а ранети 144 лица.
Од Здужението на жртвите и сведоците на геноцидот потсетија денес дека обвинителствата на БиХ не подигнале ниту едно обвинение за опсадата на Сараево.
„Додека обвинителствата на БиХ во колони ги носат обвинетите Бошњаци од таканаречените заштитени зони на ОН: Сараево, Бихаќ, Горажде, Сребреница... градот Сараево и босанско-херцеговската јавност немо го гледаат најголемиот срам од Дејтонскиот договор - 24 години никој не е обвинет за најдолгата светска опсада во која се убиени повеќе од десет илјади цивили и 1.600 деца“, се вели во соопштението.
Сметаат дека „овој срам на сите нас е само една од причините зошто не сакаме да ја поддржиме таканаречената Ревидирана државна стратегија за работа на предметите од воените злосторства што претставува континуитет на директни вплеткувања и делувања на Србија и Хрватска“.
„Денес го повикуваме правосудството во БиХ и на прво место, обвинителствата во БиХ. на сите нивоа итно да започнат процеси и да се формира тим на меѓународни обвинители за опсадата на Сараево, наместо тим кој и по одбивањето на Хаг, се формираше во БиХ за наводни злосторства во Добровољачка, со цел обвинување на раководството на Р БиХ“, додадоа од Здружението на жртви и сведоци на геноцидот.