Husamedin Gina
03 Мај 2021•Ажурирај: 04 Мај 2021
СКОПЈЕ
Турско-исламската унија за верски прашања од Германија (DİTİB) за прв пат во Северна Македонија додели рамазански ваучери за 500 семејства и стипендии за 200 ученици, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турско-исламската унија за верски прашања од Германија (DİTİB) во соработка со Одделот за советништво за верски услуги при Амбасадата на Република Турција во Северна Македонија додели рамазански ваучери за 500 семејствa што имаат потреба и едногодишни стипендии за околу 200 ученици во средно образование и студенти на додипломски студии.
Делегацијата на Турско-исламската унија за верски прашања од Германија (DİTİB) составена од Анил Аслан, заменик-претседател на централната џамија „Еиторф Дитиб“, Ахмет Емин Јилмаз, претседател на Здружението на џамијата „Лемго Ахмет Јесеви“, и режисерот Адил Донмез се наоѓа во тридневна посета на Северна Македонија.
Заменик-советникот за верски услуги при Амбасадата на Република Турција во Северна Македонија, Мустафа Тарик Коча, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) ја истакна благодарноста до претседателот на Турско-исламската унија за верски прашања од Германија (DİTİB), Ќазим Туркмен, и до делегацијата што ја посети Северна Македонија.
Наведувајќи дека Турско-исламската унија за верски прашања од Германија (DİTİB) доделила ваучери во вредност од околу 20 евра за 500 семејства, Мустафа Тарик Коча рече:
„За постарите лица што не можат да излегуваат од дома предвидовме да дистрибуираме кутии со прехранбени производи. Но, за браќата што немаат некаква попреченост доделивме ваучер. Ние не знаеме кои потреби ги имаат, затоа самите ќе ги задоволат своите потреби. Со ваучерот од околу 20 евра ќе можат самите да си ги купат намирниците од еден ланец маркети.“
Коча, потенцирајќи дека образованието е една значајна област, рече дека на вкупно 200 ученици од средно образование и на студенти на додипломски студии им се доделени 8-месечни стипендии за да ги задоволат нивните потреби за училишните обврски и за компјутери, особено во овој период кога слушаме дека потребни им се за следење на онлајн наставата.
Анил Аслан, заменик-претседателот на централната џамија „Еиторф Дитиб“, истакна дека како Турско-исламска унија за верски прашања од Германија (DİTİB) оваа година, за прв пат, во рамките на кампањата за зекат и витре доделуваат помош за лицата што имаат потреба во балканските земји.
„Во овој контекст, како екипа одредена за Балканот, ние се наоѓаме во Македонија, како последна земја од нашите активности. Претходно го посетивме Косово, а потоа и Албанија. Оваа година како Турско-исламска унија за верски прашања од Германија (DİTİB), вклучувајќи ги и балканските земји, реализираме активности во вкупно 30 земји“, нагласи Анил Аслан.
Ахмет Емин Јилмаз, претседателот на Здружението на џамијата „Лемго Ахмет Јесеви“, истакнувајќи дека во рамките на Турско-исламската унија за верски прашања од Германија (DİTİB) постои погребален фонд, рече дека од денес фондот ќе дава услуги и за балканските земји, како што се Бугарија, Грција, Северна Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Со овој погребален фонд, како што рече Ахмет Емин Јилмаз, телата на починатите муслимани во Германија ќе се пренесуваат во нивната родна земја.