Admir Fazlagic
28 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Србија Александар Вучиќ истакна дека барањето на Косово да стане членка на НАТО „не е идеја на Албанците од Косово, туку на нивните лобисти од САД и ЕУ, со што сакаат да ги натераат четирите земји на ЕУ кои се членки на НАТО да ја признаат независноста на Косово“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Вучиќ присуствуваше на церемонија на одбележување на почетокот на работите на фабрика во Крагуевац, по што имаше свое обраќање и одговараше на новинарски прашања.
Прашан од новинарите „дали е можно Косово во моменталната состојба да профитира и да ги оствари своите цели“, и во тој контекст да стане членка на НАТО, Вучиќ изјави дека пред половина година првпат слушнал за таква идеја.
„Тоа не е идеја на Албанците од Косово, туку на нивните лобисти и некои политичари во САД и ЕУ. Зошто тоа им е важно? Прво, со тоа сакаат да ги натераат четирите земји на ЕУ кои се членки на НАТО да ја признаат независноста на Косово. Не можете да станете членка на НАТО доколку не сте држава. Тоа е начин, но и изговор за дел од земјите тоа да го прифатат и да речат - мораме бидејќи немаме друг излез“, рече Вучиќ.
Втора причина, според Вучиќ, е „обидот Србија да се стави пред свршен чин“, бидејќи, како што рече, така некој сака на Србија да ѝ каже „само вие останавте да ја признаете независноста на Косово и немате избор.“
„Не можам моментално да проценам колку е реална опасноста, но не е ниту малку наивна ситуација за нас. Но, мојата порака до граѓаните е без оглед колку земји ќе го признаат Косово и што ѝ да прават, за разлика од нив, Србија ќе се држи до меѓународното право. Без оглед на сите притисоци и уцени, Србија ќе го чува својот територијален интегритет“, одговори Вучиќ.
Потсетуваме, на 25 февруари (петок), Вучиќ одржа прес-конференција по состанокот на Совет за национална безбедност по повод воените напади на Русија врз Украина, при што ги претстави заклучоците од состанокот и истакна дека „Србија дава полна и принципиелна поддршка на почитувањето на територијалниот интегритет на Украина, дека се залага за мир, како и дека во овој момент, не е витален интерес на Србија да воведува санкции на Руската Федерација, ниту на која било држава“.