Bojana Stojanovic
06 Јануари 2019•Ажурирај: 07 Јануари 2019
БЕЛГРАД (АА) - Мирот и стабилноста во регионот се од најголема важност, поради тоа е важно Србија со сите земји да има добри односи, изјави денес српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод внесувањето на Бадниковото гранче во Претседателството на Србија присуствуваа претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеникот во Собранието на Македонија, Иван Стоиљковиќ, претседателот на Српскиот народен совет во Хрватска, Милорад Пуповац како и други поканети гости.
Тие одржаа заедничка средба, а потоа имаа обраќање до медиумите.
„Сите присутни јасно ставија до знаење дека мирот и одржувањето на стабилноста во регионот се од приоритетно значење. Политиката која сите ние ја водиме е политика на соработка со сите други, политика на добри односи со сите други народи“, изјави српскиот претседател Вучиќ.
Тој наведе дека Србија води политика со која нема да ги загрозува туѓите, било национални, било државни интереси, но дека ќе ги чува своите државни и национални интереси.
„Ние со Република Српска и со Босна и Херцеговина имаме многу блиски и добри односи. Босна и Херцеговина е еден од нашите клучни трговски партнери, но и Црна Гора, Македонија, па и Хрватска, и со сите овие земји имаме суфицит. Затоа од особено важен интерес ни е со овие земји да имаме добри односи“, нагласи Вучиќ.
Како што додаде, односот на Србија кон припадниците на својот народ треба секогаш да биде однос на разбирање, почит и поддршка, и „никогаш веќе да не дојдеме во ситуација во која бевме 1990-тите и почетокот на 2000-тите години“, додаде Вучиќ.
Претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, се согласи со Вучиќ дека и тој, исто така, сака зачувување на мирот.
„Она што го сакаме ние е зачувување на мирот, Србите денес кон тоа тежнеат. Ние во БиХ сакаме да изградиме уставна позиција на српскиот народ и Република Српска. Нам Република Српска ни е синоним за слобода на српскиот народ, а Србија синоним за нашиот живот и така и се однесуваме. Сакаме да го легализираме таквиот пристап“, рече Додик.
Тој ја наведе и потребата да се сочува интегритетот и силата на Српската православна црква на Балканот.