Bojana Stojanovic
04 Март 2018•Ажурирај: 04 Март 2018
БЕЛГРАД (АА) - Изборот на градската власт во Белград започна утрово во 07.00 часот со отворање на 1.185 избирачки места, а право на глас имаат 1.606.693 гласачи, јавува Anadolu agency (AA).
Гласачките места ќе бидат отворени до 20 часот.
Белград избира 110 советници во Собранието на градот. Новиот градоначалник и членовите на градскиот совет, според законот, мора да бидат избрани во рок од месец дена од денот на конституирање на градскиот Парламент. Конститутивната седница на парламентот ја свикува претседателот на собранието од предходниот состав во рок од 15 дена по објавуваањето на резултатите, а краен рок за нејзино свикување е 2 месеци од објавувањето на конечните резултати.
Со таа седница претседава најстариот советник и на неа се избираат претседателот и секретарот на Собранието на градот и им се потврдуваат мандатите на советниците, со што Собранието е конституирано.
Градоначалникот на Градот го предложува претседателот на собранието на градот од редовите на советниците. Неговиот мандат е во времетраење од 4 години, а се избира со тајно гласање со мнозинство гласови од вкупниот број на советници.
Граѓаните на Белград гласаат за една од 24 изборни листи.
Предизборниот молк започна на 1. март на полноќ и ќе трае до 20 часот денеска, односно до затварање на избирачките места.
Како што наведува Градската изборна комисија, прелиминарните резултати ќе бидат објавени во 23.00 часот, најдоцна до полноќ.
Резултатите од изборите треба да бидат објавени до 5. март во 20 часот, односно во рок од 24 часа од затворањето на избирачките места.
Освен во Белград, локални избори се одржуваат и во српските градови Бор, Аранѓеловац и Севојно.