Ekipa
06 Јануари 2019•Ажурирај: 07 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Православните христијани денес го одбележуваат Бадник (Коледе), денот пред христијанскиот празник Божиќ, раѓањето на Исус Христос, пишува Anadolu Agency (AA).
Според христијанската традиција, првите гласници на празникот се коледарите, децата кои ја носат веста за доаѓањето на празникот Божиќ, кои в зори тропаат на вратите на домаќинствата, најавувајќи го празникот и за тоа се дарувани.
На Бадник завршуваат Божиќните пости. Христијанските семејства за Бадник се собираат во вечерните часови околу заедничка Бадникова вечера, и според традицијата, оваа вечер не се оди на гости.
Се подготвува богата посна трпеза, a се прави и лепче или пита во која се става паричка. Се верува дека кај оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа и бериќет во текот на годината.
Исто така, ноќта пред Бадник се става бадниково гранче на секоја врата, што според верувањето, носи здравје за целото семејство. Во сите храмови се служи Бадникова литургија.
По повод претстојниот празник Божиќ, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан и до сите христијани.
„Христос ги рушеше човековите бариери што ги делеа луѓето на богати и сиромашни, слободни и неслободни, вредни и помалку вредни, создавајќи духовно променети луѓе кои го менуваат духот на општеството. Нам во Република Македонија ни е неопходно обновување на духот на солидарноста и на социјалната правда“, истакнува Иванов во честитката.