Alma Dekovic
23 Ноември 2021•Ажурирај: 23 Ноември 2021
САРАЕВО (АА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска упати телеграма со сочувство до претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и претседателот на Владата, Зоран Заев, по повод тешката сообраќајна несреќа во која животот го загубија 46 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Со неверување и тага ја примив страшната вест за трагичната загуба на патниците во автобусот во Бугарија. Не постојат зборови кои би ја опишале болката која ја делиме со граѓаните на вашата земја. Неми пред оваа трагедија, праќаме молитви за утеха на семејствата на починатите и целиот братски народ. Србија е сега со вас, спремна да пружи секаква помош и поддршка, бидејќи не сте сами во оваа трагедија“, се наведува во сочувството на Вучиќ.
Во свое, и во име на граѓаните на Србија, упати најдлабоко сочувство до семејствата на настраданите и граѓаните на Северна Македонија, а на повредените им посака брзо и успешно закрепнување.
Поддршка упати и премиерот на Албанија Еди Рама, кој напиша дека трагедијата во Бугарија го оставила без зборови.
„Не постојат зборови за автобуската трагедија, каде речиси сите патници ги загубија животите“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Министерката за надворешни и европски работи на Албанија, Олта Џачка, изрази сочувство до семејствата на жртвите и посака брзо закрепнување на повредените, додавајќи дека нејзината земја е покрај Северна Македонија и нејзините граѓани во овие моменти.
Најмалку 46 луѓе починаа откако автобус со македонски регистарски ознаки се запали на автопат во западна Бугарија рано утринава. Меѓу починатите 12 се деца.