Furkan Abdula
23 Ноември 2021•Ажурирај: 24 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, истакна дека седумте повредени во автобуската несреќа во Бугарија, која ја опиша како страшна трагедија, се во стабилна здравствена состојба, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Филипче, заедно со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги посетија повредените од автобуската несреќа во Бугарија, кои се на болничко лекување, а потоа дадоа изјава за локалните медиуми.
„Страшна трагедија се случи утрово. За жал голем број на загинати патници, 46, од нив 12 деца“, рече Филипче, упатувајќи благодарност за брзата интервенција на бугарските власти, лично до бугарскиот премиер Јанев, кој рече дека бил на лице место и го информирал Заев за целокупната ситуација.
„Ние ги посетивме сите 7 повредени пациенти тука во болницата и сите се во стабилна здравствена состојба, односно никој не е во животно загрижувачка состојба. Станува збор за полесни повреди кои што се одлично третирани од нашите колеги. Има само еден пациент којшто има скршеница“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека пациентите, по целосното стабилизирање на нивната состојба, ќе се префрлат на понатамошно лекување во Скопје.
Во врска со настраданите во несреќата, Филипче рече: „Има повеќе членови на едно семејство. Од тоа семејство најмладиот член е девојка на 16-годишна возраст, а сите други се постари на околу 40-50-годишна возраст“.
Премиерот Заев рече дека сите се граѓани на Северна Македонија, од повеќе националности, додека еден од нив е од Прешево, Србија, и нагласи дека на листата забележале едно лице со белгиско државјанство.
Заев истакна дека од министерот за внатрешни работи на Северна Македонија добил потврда дека е фирмата превозник е од Скопје.
Министерот Бујар Османи рече дека здравствените власти брзо интервенирале по несреќата, и дека сите се згрижени навремено.