Andelija Stojkovic
15 Август 2022•Ажурирај: 16 Август 2022
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска пред состанокот со премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека во Брисел оди за да се обиде да ги зачува мирот и стабилноста, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние на никој не му се закануваме, само сакаме да обезбедиме почитување на меѓународните правила, меѓународно јавно-правните норми од Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 1244 до Бриселскиот договор. Тоа се договори кои се на сила и тие мораат да се почитуваат и применуваат“, изјави Вучиќ за новинарите по обиколката на воената опрема, што ја произведува воената индустрија во Србија.
Како што кажа, не знае што да очекува од состанокот, Белград е заинтересиран да разговара за сè, но дека сака да разговара за Заедницата на српските општини (ЗСО), но не некој да зборува ЗСО да биде во согласност со Уставот на Косово.
„Се подразбираше тие овластувања да бидат многу поголеми и пошироки, затоа и преговаравме, јасно е што е преговарано“, рече Вучиќ на презентацијата во Воената академија.
Запрашан за ситуацијата со табличките, Вучиќ рече дека тука за Белград ситуацијата е чиста и дека „ако некој сака на сила да спроведува, на сила може сè, само е прашање до кога“.
Тој на Приштина ѝ порача да не очекуваат Србија да помогне по тоа прашање.
Како што наведе, пред состанокот со Курти, ќе има состаноци со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и специјалниот претставник на американската администрација за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
По обиколката на оружјето, Вучиќ рече дека е горд на Војската на Србија и воената индустрија.
Како што кажа, сè што Србија може да произведе, може да продаде за три дена и дека на секоја „мина, граната, бомба, ракета денеска има 10 купувачи на едно парче“.
Вучиќ најави дека Војската на Србија ќе добие 11 хеликоптери H145M.
Запрашан за воената сила на Србија и Косово, Вучиќ рече дека никогаш никого не потценува, но дека тоа не е за споредување.