Fatjon Cuka
28 Февруари 2024•Ажурирај: 29 Февруари 2024
ТИРАНА (АА) - Во Тирана, главниот град на Албанија, денес почна Самитот Украина - Југоисточна Европа, на кој учествуваат лидерите на земјите од Југоисточна Европа, вклучително и шест земји од Западен Балкан, јавува Анадолу.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, и претседателот на Украина, Владимир Зеленски, како коорганизатори ги пречекаа лидерите на земјите учеснички на Самитот пред палатата на Конгресот.
Покрај Зеленски и Рама, на Самитот присуствуваат и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски; претседавачката со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто; претседателката на Косово, Вјоса Османи; претседателот на Србија, Александар Вучиќ; претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ; претседателката на Молдавија, Маја Санду, како и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ. Другите лидери ќе учествуваат на конференцијата преку видеолинк.
Албанскиот премиер Еди Рама го започна својот воведен говор осврнувајќи се на руско-украинската војна, нагласувајќи дека ниту Украина ниту „нивната заедница на народи“ не го избрале конфликтот.
„Неоимперијалистичка Русија не успеа да ја собори демократски избраната Влада на Украина, не успеа да ја потисне волјата на украинскиот народ да живее во слободна, независна и демократска татковина.“
„Владимир Путин сакаше за неколку дена да ја избрише Украина од мапата, но денес таа е закотвена во Европа повеќе од кога било“, рече Рама.
Рама додаде дека Албанија гледа иднина во која „ние ќе живееме во мир со нашите соседи, ќе соработуваме со нашите партнери и ќе останеме во пријателство со светот“.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека за „сите народи“ и за нивната слободна земја е важно „да загуби режимот на рускиот претседател Владимир Путин“.
„Неговите неуспеси се наша безбедност. Нашата визија за Европа и животот во сите нејзини региони се заснова врз принципот на еднакво достоинство за секоја земја. Ние веруваме дека почитувањето на секоја нација и еднакво право на луѓето на безбедност, како и самостоен избор на нивната судбина треба да бидат универзални принципи“, рече Зеленски.
Тој додаде дека Европската Унија и НАТО ѝ понудиле на Европа подолга и посилна ера на безбедност, мир и економски развој.
„Сите подеднакво заслужуваме да бидеме дел од европската заедница и евроатлантската заедница“, рече Зеленски меѓу другото.
Во рамките на Самитот денес Рама и Зеленски во Тирана го потпишаа Договорот за пријателство и соработка меѓу Република Албанија и Украина.
Според зборовите на премиерот на Албанија, договорот служи за зајакнување на пријателството меѓу двете земји и народи, преку проширување и зајакнување на соработката во различни области од заемен интерес.
Зеленски му го врачи на премиерот Рама и Орденот на кнезот Јарослав Мудриот „за неговиот придонес во поддршката на Украина“.