Furkan Abdula
10 Април 2023•Ажурирај: 11 Април 2023
СКОПЈЕ (АА) - Тројца државјани на Северна Македонија загинаа во сообраќајна несреќа што се случи во Италија, пренесува Анадолу.
Информацијата преку писмено соопштение ја потврди Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
„Информираме дека синоќа, во градот Ница Монферато, во италијанската провинција Асти, дел од регионот Пиемонт, се случила тешка сообраќајна несреќа со смртни последици за четворица учесници, од кои за тројца е утврдено дека се работи за државјани на Република Северна Македонија“, се истакнува во соопштението на МНР.
Се додава дека Амбасадата на Северна Македонија во Рим, како и Генералниот конзулат во Венеција се во директен контакт со надлежните институции на Италија, од каде што е добиена усна потврда за починатите државјани на Северна Македонија, како и за нивните податоци.
„Се работи за З.С. - 33 години од Македонска Каменица, А.К. - 31 година од селото Саса, како и В.И. - 30 години од село Пекљани, Виничко“, се наведува во соопштението.
Според соопштеното, претставниците на Конзулатот и на Амбасадата веќе се во контакт со дел од семејствата на починатите и ќе бидат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките од Италија.
„Иако поради велигденските празници комуникацијата со италијанските служби се одвива забавено, нашите дипломатски претставништва остануваат во комуникација, со цел прибирање дополнителни информации за деталите околу сообраќајната несреќа, податоци за починатите, како и во делот на обезбедувањето писмена потврда за сите детали од несреќата“, се додава во соопштението на МНР.