Ivana Ramadanova
15 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Започнувајќи од денес, па сè до 17 мај, во Скопје за прв пат ќе се одржи четвртиот по ред Балкански младински форум на тема „Активно младинско учество: поттик преку креативни и иновативни решенија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Станка Парач-Дамјановиќ, координатор на проектот и претседател на организацијата АЛДА (Европска асоцијација за локална демократија), рече дека форумот има за цел на едно место да ги собере членовите на Регионалната мрежа за локална демократија, претставниците на локалните власти, министерствата за млади и спорт, граѓанските организации, националните младински мрежи и високи претставници од регионот и Европската Унија.
„Овде сме од различни културолошки контексти, тука се млади од различен етнички и културолошки идентитет, тие овде се запознаваат и јас навистина се надевам дека по три години заедничка соработка ќе успееме да создадеме нови млади лидери кои на ефикасен начин на локално ниво би ја промовирале европската интеграција, така и потребата на локалниот развој“, истакна Парач-Дамјановиќ.
Според францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, оваа конференција е продолжение на Самитот во Париз од 2016 година, којашто има за цел да ги спојува младите.
„Донесувањето на одлуките се прави на самото место, а она што ние треба да го направиме е да ги мобилизираме младите. За тоа ни се потребни добри проекти, за добри проекти ни е потребно да се познаваме, а за тоа ни е потребно и да разменуваме мислења. Младите се надежта на регионот, бидејќи без Југоисточна Европа, ние не можеме да имаме вистинска Европа“, посочи амбасадорот Тимоние.
Тридневниот форум вклучува отворена конференција поделена на три тематски панели, а учесниците ќе имаат прилика да присуствуваат и на работилници на тема култура, а воедно ќе го посетат и Собранието на Република Македонија.
Исто така ќе бидат презентирани наодите и резултатите од компаративната студија за културното учество во пет различни балкански земји.
Форумот се организира секоја година, а е кофинансиран од Фондот за Западен Балкан. Тој е дел од Балканската регионална платформа за учество и дијалог на младите, која е финансирана од ЕУ преку ИПА-програмата.