Husamedin Gina
25 Март 2020•Ажурирај: 26 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција го потврди третиот смртен случај од корнавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што истакна министерот Филипче, пред неколку часа на Инфективната клиника во Скопје починала пациентката од Дебар, која подолго време беше на респираторна машина.
„И покрај сите напори на лекарите, медицинските сестри и интензивната терапија за жал таа почина денеска, пред неколку часа. Беше на 66-годишна возраст и во историјата имаше податок дека прима хронична терапија за хипертензија“, нагласи министерот Филипче.
Тој исто така наведе дека во изминатото деноноќие, заклучно до 12 часот денеска, има вкупно нови 29 случаи на заразени и тоа во Скопје 20, Куманово 3, Велес 3, Прилеп 2 и Дебар 1 лице.
Со новиот број заразени, вкупниот број на лица позитивни на Ковид-19 во Северна Македонија се искачи на 177 лица. Според местото на живеење досега пациенти се регистрирани во Скопје, Дебар, Куманово, Штип, Кавадарци, Охрид, Гостивар, а од денеска и во Прилеп и Велес.
Министерот исто така соопшти дека петмина од медицинскиот персонал од Клиниката за кожни болести се позитивни на Ковид-19.
„Од 29-те нови случаи, 5 лица се од Кожната клиника, кои после 16 дена поминати во изолација без никакви симптоми на земените материјали, имаат позитивен резултат. Тоа се колеги, и се во добра општа состојба“, рече Филипче.
Министерот на прес-конференцијата исто така рече дека добро е што дел од дијагностицираните се откриваат во рана фаза и дека здравствениот систем може да ја амортизира бројката на пациенти.