Husamedin Gina
26 Април 2020•Ажурирај: 27 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на денешната редовна прес-конференција рече дека во изминатите 24 часа регистрирани се уште двајца починати од Ковид-19, со што вкупната бројка на смртни случаи се искачи на 61, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство одржа заедничка-прес конференција на која се осврна на последните податоци во врска со коронавирусот во земјата.
Истакнувајќи дека денеска се регистрирани рекордни 126 оздравени пациенти во Северна Македонија, министерот Филипче рече дека ова е највисоката бројка што досега сме ја имале, а верува дека овој тренд ќе продолжи и понатаму. Со оваа бројка излекувани се вкупно 500 пациенти заразени со Ковид-19.
Филипче истакна дека денеска регистрирани се уште двајца починати од коронавирисот, со што вкупниот број на пациенти починати од Ковид-19 во земјата се искачи на 61.
Наведувајќи дека во изминатите 24 часа се направени 335 тестирања, министерот Филипче рече дека регистрирани се вкупно 19 новозаразени, со што вкупната бројка на заразени лица се искачи на 1.386.
Според Министерството за здравство на Северна Македонија, досега во земјата направени се вкупно 15.120 теста за Ковид-19.
Министерот, на денешната прес-конференција, истакнувајќи дека граѓаните, за жал, не ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 кои се на сила, рече дека до Владата ќе предложи санкционирањето за неносење лична заштита да почне од утре, или најдоцна од вторник, а не од 1 мај, како што беше претходно најавено.
„Сакам повторно да апелирам дека оваа мерка мора да се почитува и дека заштитната опрема треба да се носи така како што е пропишано“, нагласи министерот Филипче.
Според најновите владини мерки за ограничување на движењето на граѓаните во Северна Македонија, полицискиот час ќе биде на сила секој работен ден, од понеделник до петок, од 19:00 часот до 05:00 часот наутро.
За време на викендите забраната за движење ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро.