Furkan Abdula
25 Август 2021•Ажурирај: 26 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека вчера биле аплицирани над 14.000 вакцини против новиот вид коронавирус (Ковид-19) во земјата, и дека вакцинирани се 685.775 граѓани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
„На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 685.775 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 10.688 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.554 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.193.218 дози вакцини, а ревакцинирани се 507.443 граѓани“, се истакнува во соопштението.
„Со последните бројки 70 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 68 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 65 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 56 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се додава во ова соопштение.
Според соопштеното, граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктови низ државата.
Се нагласува дека процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.
Во соопштението се наведува дека децата од 12 до 18-годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
„Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од неа“, се додава во соопштението на Министерството за здравство.