Vesna Besic
10 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
ПОТОЧАРИ (АА) - Браќата Заим (21) и Зејад (19) Имамовиќ ќе бидат погребани еден до друг на колективниот погреб во Поточари, во вторник, на 11. јули, пишува Anadolu Agency (AA).
Тие со татка си Мустафа и со други роднини, соседи и пријатели, тргнале во јули 1995 година низ шумите, до слободната територија. Сепак, до Тузла никогаш не дојдоа. Нивните посмртни остатоци беа пронајдени во две масовни гробници.
Двајцата браќа од татка си Мустафа се разделија по една од заседите во шумите околу Сребреница, по што никогаш повторно не се сретнаа. Сѐ до вчера, кога камионот со остатоците на жртвите од Сребреница пристигнаа во халата на поранешната фабрика за акумулатори во Поточари.
„Ќе ги закопам двата сина, Заим и Зејад. Тие тргнаа низ шумите во '95 година. Дури оваа година ќе бидат погребани“, вели Мустафа.
Тие биле убиени додека низ шумата се обидувале да стигнат до слободната територија – Тузла.
„Заим го пронајдов во Kасаба, а Зејад на Црн Рид – Kрижевачки полиња“, вели Мустафа, кој исто така во 1995 година тргнал на „патот за спас“ и до слободната територија дошол дури по 15 дена.
„Тргнавме заедно, но се разделивме во шумата. Тие имаа само 19 и 21 година“, вели неутешниот татко.
„Не знам како нивната мајка ќе остане жива, веќе има слабо срце. Таа остана дома, не знам што ќе се случи со неа“, рече Мустафа, а солзите му течат по уморното лице.
„Сѐ уште го барам братот, кој беше убиен заедно со илјадници мажи и момчиња во шумите околу Сребреница. Мислев дека ќе биде со моите синови, но брат ми сѐ уште го нема“, додаде тој.
Во вторник, на 11 јули, ќе се одржи молитва и погребот на 71 жртва од геноцидот извршен во јули '95, во областа на Сребреница.
Меѓу 71 жртва кои оваа година ќе бидат погребани на колективниот погреб, има седум малолетници. Најмладата жртва што ќе биде закопана на 11. јули е 15-годишниот Дамир (Кемал) Суљиќ, чии остатоци беа пронајдени во масовна гробница Бљечева, а најстарата жртва е Алија (Хусо) Салиховиќ, роден во 1923 година. Неговите посмртни остатоци беа пронајдени во масовните гробници Зелени Јадар и Пусмулиќи.