Zuhal Demirci
11 Јули 2020•Ажурирај: 12 Јули 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу на својот Твитер профил објави порака по повод 25. годишнина од геноцидот во Сребреница во Босна и Херцеговина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу нагласи дека на 25. годишнина од овој геноцид стојат до нивните бошњачки браќа.
„На 25. годишнина од геноцидот, стоиме до нашите бошњачки браќа. Сребреница е место каде честа на човештвото се здоби со тешка рана, а историјата се здоби со црна дамка“, напиша шефот на турската дипломатија.
- 25. годишнина од геноцидот -
На 25. годишнина од геноцидот во Сребреница во гробиштата на Меморијалниот центар погребани се девет жртви.
Салко Ибишевиќ е најмладата жртва која оваа година е погребана во гробиштата на Меморијалниот центар. Имал само 23 години кога е убиен. Неговите посмртни останки се пронајдени во секундарната масовна гробница Липље, во општина Зворник во 2001 година.
Највозрасната жртва која е погребана е Хасан Пезиќ од местото Пустоше кај Власеница. Тој имал 70 години кога е убиен, а исчезнал во 1995 година, на подрачјето на Козлук. Неговото тело е ексхумирано од масовна гробница во Козлук 1999 година.
Во Меморијалниот центар „Поточари“ оваа година погребани се: Сеад (Хусо) Хасановиќ, роден во 1971 година во Кривача; Алија (Бекто) Суљиќ, роден во 1969 година во Познановиќи; Хасан (Алија) Пезиќ, роден во 1925 година во местото Пустоше; Хасиб (Шабан) Хасановиќ, роден во 1970 година во Слатина; Зухдија (Суљо) Авдагиќ, роден во 1947 година во Нова Касаба; Бајро (Рамо) Салиховиќ роден во 1943 година во Волјавица; Ибрахим (Хамид) Зукановиќ, роден во 1941 година; Салко (Ахмо) Ибишевиќ, роден во 1972 година во Љубовија и Кемал (Хусеин) Мусиќ, роден во 1968 година во Глогово.