Ecenur Çolak
10 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, изјави дека енергетската стабилност веќе не е само економско прашање и претставува едно од клучните политички прашања на секоја земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ им се обрати на учесниците на 22. Светски конгрес за нафта во Истанбул и притоа истакна дека е нужно да соработуваат сите земји од регионот кога е во прашање секторот енергетика.
На конгресот, чиј глобален медиумски спонзор е АА, Вучиќ истакна дека енергетската стабилност е важен сегмент на националната сигурност, а одржливите извори за снабдување со енергија се еден од најважните сегменти на надворешната политика на една држава.
„Србија е зависна од увоз, кога станува збор за нафтата и природниот гас. Не можеме да ги раздвојуваме земјите, кога се зборува за енергетика, бидејќи мораме заеднички да дејствуваме во сите региони“, порача Вучиќ.
Вучиќ истакна дека Србија сака да се покаже како доверлив партнер во решавањето на нејзините енергетски потреби, и додаде дека неговата земја во изминатиот период направи низа битни чекори во насока на привлекување инвестици, зголемување на производството и јакнење на мрежата на дистрибутери.
„Би сакал повторно да ја нагласам важноста на турската поддршка во креирањето поволна почва за инвестиции и јакнење на енергетската сигурност. Во тој контекст, Турција е навистина една од клучните земји“, рече Вучиќ.
Тој укажа и на големите развојни потенцијали и важната геополитичка положба на Србија во регионот.
„'Турски тек' ќе биде важна инвестиција за земјите од Западен Балкан. Сметаме дека тоа е важна инвестиција од аспект на поврзување и одредување на цената на гасот. За битни ги сметаме и резервите од природен гас во источниот Медитеран“, рече претседателот на Србија, Вучиќ.
За време на посетата на Истанбул, српскиот претседател Вучиќ се сретна и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.