Zylfije Adem Jakupi
13 Март 2020•Ажурирај: 14 Март 2020
ПРИШТИНА (AA) - Во Косово се потврдени првите два случаи на заразување со коронавирусот, соопштено е на вонредната конференција за новинари во Владата на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство Арбен Витија изјави дека направената анализа за два случаи даде позитивен резултат на коронавирусот.
„По направените анализи во микробиолошката лабораторијата на Националниот институт на јавно здравје за 15 случаи сомнителни на Ковид-19, два случаи се покажаа позитивни. Пациентите кои се позитивни на коронавирусот се сместени во Инфективната клиника на Клиничко универзитетско болничкиот центар на Косово и нивната здравствена состојба е стабилна. Еден од потврдените со Ковид-19 е државјанка на Италија на возраст од 20 години, додека друг пациент од Косово е на возраст од 77 години", рече Витија.
Тој истакна дека веднаш се преземени потребните мерки за да се откријат контактите на овие позитивни пациенти со други лица и мерки на изолација и самокарантини.
Премиерот на Косово Албин Курти ги повика граѓаните да не паничат и во случај на сомнежи да се јават на здравствените институции.
Тој најави дека за препораката на Националниот институт на јавно здравје да се затворат граничните премини на Косово кон соседните земји, Владата на Косово ќе дискутира на вечерашната седница.
Како превентивна мерка во Косово денес стапи во сила и одлуката за привремено запирање на сите доаѓања на авиокомпании од Германија, Франција, Швајцарија и Италија.
Во меѓувреме, Владата на Албанија одлучи да ја затвори границата со Косово во согласност со мерките на заштита од коронавирусот.