Amar Mehic
08 Јули 2022•Ажурирај: 10 Јули 2022
БИХАЧ (АА) - На 18. Велосипедски маратон под мото „Никогаш да не се заборави и никому да не му се случи“, со околу 300 учесници од Босна и Херцеговина, Швајцарија, Австрија, Германија, Бугарија, Шведска, Словенија, Хрватска, Туркије и Америка денеска тргнаа на патот кон Сребреница.
„Кога тргнавме пред 18 години, знаевме дека ќе траеме и дека ќе бидеме традиционални, но не знаевме дека ќе израсне во нешто олку големо, да имаме постојани 150 учесници, а оваа година сме 300. Ние со своето учество од БиХ и странство ја шириме идејата на сеќавање и не сакаме да дозволиме да се повтори“, изјави Ермин Липовиќ, организаторот и учесник на маратонот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Учесниците, подготвени и нестрпливи, главно, велат, кога еднаш ќе дојдете, ќе се вратите повторно во Сребреница.
„Мене ми е вторпат, чувството не може да се опише, мора да се доживее, погледнете го плоштадот и ќе видите дека бројот на учесници се зголемува. Имам трема како и минатиот пат, тогаш мислев дека е затоа што ми е првпат. Меѓутоа, чувството е исто“, рече Сабина Бишчевиќ, учесничка на маратонот од Бихаќ.
Бројни учесници дојдоа од странство за да учествуваат во маратонот и да оддадат чест на убиените сребреничани.
„Јас дојдов од Тексас, Америка и дојдов сево ова да го видам и доживеам од друга перспектива и да видам што навистина се случило. Ова ми е вторпат. Првиот пат самото возење беше интересно и уживав, но кога стигнавме во Сребреница, кога ги видовме гробовите, беше многу тажно и жал ми е за тие луѓе“, рече Габриел Гренвич, учесник на маратонот од Америка.
„Тука сме за да се сетиме на Сребреница, да возам маратон за нив и првите два дена ни е интересно, но последниот ден на сите ни е тешко и плачеме кога ќе ја видиме Сребреница“, рече Хасан, кој дошол од Туркије за да учествува во маратонот.
Мустафа Ружниќ, премиерот на Унско-санскиот кантон, кој во маратонот учествува по четврти пат, истакна дека е горд што оваа година во Сребреница на погребот ќе дојдат најмногу луѓе од Краина.
„И оваа година Унско-санскиот кантон испраќа јасна порака дека од него доаѓаат најголем број граѓани и дека ние сме најдржавотворен народ, нашите планинари, маратонци, велосипедисти, мотористи и она што е круна, доаѓањето на нашите велосипедисти од Швајцарија, од Австрија, со јасна порака: Сребреница никогаш да не се повтори. Во деновите на Бајрам од сите домови е јасна пораката колку е искрена намерата и чисто срцето кое го носат Краишниците “, рече Ружниќ.
Маратонците ќе преминат 500 километри и во Сребреница ќе стигнат утре, 10 јули, каде што на 11 јули ќе се клања џеназа намаз и ќе се изврши погребот на уште 50 убиени сребреничани во геноцидот.
На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари досега се закопани 6.671 жртва на геноцидот кој тогашната војска на Република Српска под команда на воениот злосторник Ратко Младиќ го изврши над Бошњаците во 1995 година во Сребреница.