НЕЗУК (АА) - Преживеаните од Сребреница беа на чело на колоната „Марш на мирот“, која утрово тргна од Незук, кај Сапна, Босна и Херцеговина, во чест на илјадниците убиени во геноцидот во летото 1995 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Повеќе од 2.000 луѓе тргнаа од Незук кон Поточари, а во наредните денови ќе се движат по трасата по која сребреничани се обидоа да стигнат до слободната територија во летото 1995 година - Тузла или Кладањ.
Во Поточари треба да пристигнат на 10 јули, а ден подоцна да присуствуваат на колективниот погреб на гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари.
Хамдија Фејзиќ, претседател на Организацискиот одбор за комеморација на 27-годишнината од геноцидот врз Бошњаците во заштитеното подрачје на ОН, Сребреница, изјави дека денеска почнува Маршот на мирот од Незук до Поточари во должина од повеќе од 100 километри.
„Што се однесува до учесниците, имавме околу 2.000 луѓе кои редовно се пријавуваат. Знаеме дека и тие што не аплицираат и добиваат акредитации, доаѓаат овде, аплицираат на самото место. Ќе видиме колку ќе тргнат. Знаеме и дека во практика поголем број луѓе се приклучуваат на Маршот на мирот“, рече Фејзиќ.
Тој потсети дека утре е првиот ден на Курбан бајрам, па од утре очекуваат поголем број учесници.
„Мислам дека утре ќе имаме многу повеќе луѓе кои ќе учествуваат на Маршот на мирот, особено последниот ден, последниот марш - од Мравињаци до Поточари. Помеѓу 4.000 и 5.000 луѓе сигурно ќе влезат во Поточари“, рече Фејзиќ.
Меѓу учесниците е и студентот по архитектура, Тарик Салкуниќ од Сараево, кој за првпат учествува на „Маршот на мирот“.
Дошол сам, но досега веќе стекнал познанства и очекува заедно да пешачат.
„Овој Марш на мирот треба да биде помасовен, што подобро да се одбележи и постојано да се зборува за него. Многу е важно да се зачува културата на сеќавања. Треба да се слави секоја година за да се зборува на оваа тема“, рече Салкуниќ.
На Маршот на мирот учествуваат Босанци и Херцеговци кои живеат надвор од државата, како и странци кои патувале од Турција и други земји.
Маршот на мирот се организира како дел од одбележувањето на годишнината од геноцидот врз Бошњаците во Безбедната зона на Обединетите нации во Сребреница, а за преживеаните од Сребреница претставува еден вид лекување на траума, но и обврска да ги раскажат и пренесат своите искуства и приказни на помладите генерации.
Овој меморијален настан, кој се одржува во јули секоја година, има за цел да ја изгради, подобри и негува културата на сеќавање на геноцидот врз Бошњаците во Сребреница и да спречи негирање и релативизирање на злосторството геноцид.
Маршот на мирот беше вклучен во програмата за одбележување на годишнината од геноцидот во 2005 година, а бројот на учесници се зголемуваше секоја година. На Маршот на мирот во претходните години, со исклучок на изминатите две години од пандемијата, учествуваа од 2.000 до повеќе од 10.000 учесници од Босна и Херцеговина и од други делови од светот.
Маршот на мирот трае три дена, а учесниците пешачат по патека долга околу 100 километри од Незук до Поточари. На оваа патека во спротивна насока, од Поточари до Незук, во јули 1995 година, Бошњаците избегаа и се пробија за време на окупацијата и заземањето на Безбедната зона на Обединетите нации во Сребреница од страна на српските воени и полициски формации.
Учесниците на Маршот на мирот пешачат по околу 30 километри дневно и на одредени места патеката е исклучително напорна, непристапна и бара солидна физичка подготвеност на учесниците.
Колоната „Марш на мирот“ секоја година ја предводат ветерани кои успеале да го преживеат патот до смртта и геноцидот од јули 1995 година.
По пристигнувањето во Поточари, учесниците на Маршот на мирот имаат можност да присуствуваат на комеморацијата и погребот на идентификуваните жртви на геноцидот, пронајдени во некои од масовните гробници во локалитетите што самите ги поминале за време на походот на 11 јули.
На колективниот погреб на 11 јули годинава во Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на 50 жртви на геноцидот извршен во 1995 година во Сребреница.
Салим Мустафиќ, роден 1979 година во Токољаци кај Сребреница, е најмладата жртва што ќе биде погребана оваа година. Имал 16 години кога бил убиен во летото 1995 година. Неговите останки беа ексхумирани од масовната гробница Липље кај Зворник во 2006 година.
Уште двајца малолетници кои во моментот на смртта имале 17 години, Вахид Смајловиќ (1978) и Елвир Муминовиќ (1978), годинава ќе најдат мир на гробиштата во МЦ Сребреница - Поточари.
Најстарата жртва која годинава ќе биде погребана е Хусеин Крџиќ.
Ќе бидат погребани и посмртните останки на близнаците Хасановиќ. Семир и Самир имале 20 години кога се ликвидирани. Родени се во 1975 година во Прохиќи кај Сребреница. Нивните останки беа ексхумирани од разни масовни гробници откриени на локалитетите Липље и Каменица.
Оваа година заедно ќе бидат погребани таткото и синот Хајдин и Сеад Хукиќ. Хајдин (Зухдо) Хукиќ во моментот на смртта имал 53 години, додека неговиот син имал само 21 година кога бил убиен.
На гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари се погребани 6.671 жртва на геноцидот извршен од тогашната Армија на Република Српска под команда на воениот злосторник Ратко Младиќ врз Бошњаците во 1995 година во Сребреница.