Admir Fazlagic
13 Ноември 2020•Ажурирај: 14 Ноември 2020
БЛАЦЕ
На граничниот премин Блаце, на територијата на Република Северна Македонија во раните утрински часови од високи претставници на Владата беше пречекана Македонската фудбалска репрезентација која допатува од Грузија, после натпреварот во кој победи и за прв пат во историјата обезбеди пласман на Европско фудбалско првенство, јавува Агенција Анадолија (АА).
- Македонската фудбалска репрезентација за прв пат во историјата се пласираше на ЕП
- Скопје: Граѓаните го слават историскиот пласман на Македонската фудбалска репрезентација на ЕП
Поради лошите временски услови, Македонската фудбалска репрезентација од Тбилиси не можеше да слета на Меѓународнот аеродром во Скопје каде беше закажан официјалниот пречек по повод нивниот историски успех. Потоа, пречекот беше организиран од Владата на граничниот премин Блаце. Репрезентативците ги пречекаа премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и првиот вицепремиер задолжен за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби.
Во еуфорична атмосфера, присутните ги поздрави премиерот Заев кој упати честитки до фудбалските репрезентативци истакнувајќи дека постигнале историски успех.
„Оваа голема радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци коишто го оставија срцето на стаднионот во Тбилиси и ја донесоа ова голема победа којашто македонската историја не ја памети досега. Со ова Македнската фудбалска репрезентација доби шанса за прв пат да учествува на Европското фудбалско првенство. Сите граѓани се радосни за овој голем успех, слави цела држава. Еден гол за сите, една победа за сите, тоа е можно само заедно. Македонци, Албанци, Турци, во исти дрес, под едно знаме, за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме. Еден за сите, сите за еден", истакна премиерот Заев и иформираше:
„Вечерва и јас и првиот потрепседател на Владата, Артан Груби, сме овде да ја споделиме радоста и на нашата Влада која одржа специјална седница за да направи чест и почит кон нашата Македонска репрезентација и донесовме одлука во име на Владата и во име на граѓаните сите членови на фудбалската репрезентација да добијат награда од по 10.000 евра."
Селекторот на Македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски упати благодарност за организираниот пречек по повод успехот кој го постигна репрезентацијата.
„Среќни сме што успеавме да го обединиме народот, затоа што ние во репрезентацијата живеевме така пет години, без разлика на етничка верска и било каква припадност, бевме едно големо семејство и сето тоа ни донесе успех, а тоа е пласман на Европско првенство. Среќен сум што работам со вакви фудбалери и се надевам дека ќе се радуваме на уште поголеми спортски успеси", рече Ангеловски.
Капитенот на Македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев рече дека фудбалерите поминале долг пат за да стигнат до целта наречена пласман на Европско фудбалско првенство.
„Сонот ни се оствари, сите заедно да се радуваме и да настапуваме со победи на ова ЕП. Знаеме сите дека поминавме долг пат за да стигнеме до ова Европско првенство. Дечките го заслужија ова првенство. Среќни сме и во следните денови ќе знаеме дека сме на Европско првенство", рече Пандев.
Прашан од новинарите да го опише чувството по повод постигнатиот успех, тој одговори:
„Не верував дека на 38 години ќе се пласирам на Европското првенство. Среќен сум, желбата ми се оствари не само на мене туку на сите. Нашиот сон се оствари сега треба да се прикажеме во добро светло. Верувам во овие момци, имаат квалитет и знаење и мислам дека ќе сме големо изненадувње на ова првенство."
Претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини во обраќањето упати честитки до репрезентативците за кои рече дека се „херои кои донесоа победа која ќе се пишува со златни букви."
Потсетуваме, Македонската фудбалска репрезентација во Тбилиси, во Грузија, во плеј-оф натпреварот од квалификациите за пласман на ЕУРО 2020, победи со голот на капитенот Горан Пандев во 56-тата минута, кој беше и единствениот гол на натпреварот.
Поради пандемијата на новиот тип на коронавирус, Европското фудбалско првенство (ЕВРО 2020) е одложено за 2021 година.
Македонската фудбалска репрезентација својот дебитантски настап на континенталниот турнири ќе игра во рамки на Групата Ц заедно со селекциите на Холандија, Австрија и Украина. Градови домаќини на натпреварите од оваа група ќе бидат Букурешт и Амстердам.