Furkan Abdula
19 Мај 2018•Ажурирај: 20 Мај 2018
БИТОЛА (АА) - По повод 19 мај - Ден на младите и спортот, и во сеќавање на Кемал Ататурк, денес во поранешното Средно воено училиште во Битола, кое денеска е Градски музеј на Битола, се одржа церемонија од страна на ученици од средното училиште „Анадолу Киркконаклар“ од турскиот главен град Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
Церемонијата на која беа присутни околу 40 ученици на ова средно училиште, започна со едноминутен молк, а потоа беше интонирана химната на Република Турција. Учениците по повод овој ден читаа поезија.
Директорот на ова средно училиште, Џахит Шахин, во изјава за Anadolu Agency (AA), истакна дека овој настан го организирале за учениците подобро да ја разберат важноста на овој ден.

„Овие убави деца на Република Турција подобро ќе ја градат нашата иднина. Децата, преку подобро разбирање на Ататурк многу подобро ќе работат за Република Турција“, рече тој, упатувајќи благодарност до сите кои дале придонес за нивното присуство тука.
Хакан Најир, професор по Физичка култура во ова училиште, рече дека тука се наоѓаат 39 ученици, 3 професори, и изрази задоволство од организирањето на овој настан.
Делфин Сатир, ученичка на ова средно училиште, рече дека има голема чест што се наоѓа тука во Битола, и поради тоа што имала можност да биде присутна на патиштата од коишто поминал Ататурк во ова поранешно Средно воено училиште.
Јунус Емре Шахин, ученик на ова училиште, нагласи дека Ататурк пораснал како лидер, чие име го знае целиот свет. „Ататурк е лидер кој повеќе лидери во светот го земаат како пример. Тој бил голем интелектуалец. Ваков голем човек се образовал во ова училиште“, додаде тој.
По церемонијата учениците имаа можност да го посетат Градскиот музеј на Битола.