БИТОЛА (АА) - По извршената реставрација од страна на Генералниот директорат на фондации при Владата на Турција, во Битола, по 104 години за верниците е отворена џамијата „Хајдар Кади“, која во османлискиот период имала централна позиција, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот на Турција, Кајнак, на отворањето рече: „Како наследство од нашите предци, овој објект стар 450 години, по 104 години повторно ги отвори своите врати за верниците“.
Вицепремиерот изјави дека е возбуден од престојот на Балканот, бидејќи во 600-годишното постоење на османлиската држава, таа на Балканот опстанала 550 години. Тој рече дека граѓаните на Турција имаат соседи кои се иселеници од Балканот, имаат роднини на Балканот или пак имаат убави спомени.
Вицепремиерот Кајнак истакна дека Балканот е место што светот треба да го земе за пример.
„Османлиската држава во периодот од 600 години, колку што владееше на три континенти, кон ниту еден народ, раса, религија и кон сите говорни подрачја не се однесуваше империјалистички, не беше колонијалист и не изврши геноцид. Луѓето од освоените територии можеа да ја сочуваат својата култура и јазик“, рече Кајнак.
Кајнак понатаму потсети дека во периодот кога Султан Мехмет ја напуштал Босна, издал указ никој да не биде вознемируван.
- „Турција продолжува да биде 'соба за мир'“ -
Кајнак рече дека раководителите на Република Турција и денеска продолжуваат со истиот пристап.
„Додека денеска ја доживуваме радоста од повторното отворање на џамијата ‘Хајдар Кади’ во Битола, Генералниот директорат на фондации во Едрене врши реставрација на најголемата еврејска синагога во Европа, додека во Дијарбакир се врши реставрација на најголемата ерменска црква, бидејќи ние сме наследници на една таква цивилизација, и каде и да има некој споменик оставен од нашите предци, наш долг е ние тоа да го обновиме“.
Вицепремиерот Кајнак рече дека Генералниот директорат на фондации при Владата на Турција, без да прави разлика, во Македонија подели помош во храна, болните од Македонија ги испраќа во најдобрите болници во Турција на лекување, додека студентите добиваат стипендии.
„Додека целиот свет се соочува со судири на различните деноминации, миграции, глад и недостиг на храна, Турција достојно на своите предци, заедно со вас продолжува да биде остров на мирот и ‘безбедна соба’“.
Генералниот директор на Директоратот за фондации при Владата на турција, Аднан Ертем, во својот говор истакна дека од 2012 година спроведуваат акции за реставрација на историски објекти во државите во кои владеела османлиската држава.
Во тие рамки, првично е реставрирана џамијата „Иса Беј“ во Сараево, која е отворена за верниците. Потоа започнале со раставрација на џамии во Косово и во Македонија – реставрацијата на џамијата „Хајдар Кади“ е нивна прва реставрација во Македонија.
Директорот Ертем рече дека при првите испитувања на џамијата, урнати биле минарето и внатрешните скали. Потоа бил потпишан протокол за реставрација, по што започнале со работата околу реставрацијата.
„Со зборови не можам да го опишам моето задоволство и задоволството на Директоратот на фондации од промената што е направена со реставрацијата на џамијата во однос на нејзината почетна состојба. Ние како фондациска организација работиме на повеќе проекти, но искрено ќе ви кажам, доколку ова не го направевме, нешто ќе недостасуваше. Затоа, колку и да сме благодарни, малку е“.
Пратеникот на АК Партијата од Истанбул, Хусеин Бурге, рече дека овие објекти се сведоци на османлиската држава на Балканот и за реставрацијата на овие историски објекти им се заблагодари на сите што дале свој придонес, првенствено на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, премиерот Бинали Јилридим и вицепремиерите.
Македонскиот вицепремиер, Фестим Халили, во својот говор го истакна пријателството меѓу двете земји и народите.
„Има многу историски нешта што нѐ поврзуваат. Ви се заблагодарувам во името на Република Македонија за вашиот придонес во реставрирањето на оваа џамија. Секогаш ќе бидеме отворени за овој вид на соработка. Се надевам дека ова нема да биде последна џамија што ќе биде реставрирана“, рече во своето обраќање вицепремиерот Халили.
Претседателот на Исламската верска заедница во Македонија, Сулејман Реџепи го истакна своето задоволство од посетата на оваа историска џамија. „Сакам да упатам поздрав до претседателот на Турција, Ердоган. Се молам Господ да му дари здравје, сила, позитивна енергија. Сите муслимани стојат зад него“.
Џамијата „Хајдар Кади“, која е позната како „Балканска принцеза“, со петочната молитва по 104 години повторно е отворена за верниците.
На отворањето на историската џамија во Битола присуствуваа вицепремиерот на Република Турција, Вејси Кајнак, вицепремиерот на Македонија Фестим Халили, претседателот на Исламската верска заедница во Македонија, Сулејман Реџепи, пратеникот на АК Партијата од Истанбул и претседател на Парламентарната група за пријателство меѓу Турција и Македонија, Хусеин Бурге и директорот на Директоратот на фондации при Владата на Турција, Аднан Ертем, каако и останати гости.