БИТОЛА (АА) – Започна дводневната меѓународна конференција „Унапредување на економскиот развој во Пелагонискиот плански регион“ во Битола, којашто според министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф, е одлична можност за турските инвеститори, јавува Anadolu Agency (AA).
На меѓународната конференција за унапредување на економскиот развој во Пелагонискиот плански регион учествуваат претставници од економскиот и бизнис секторот од Македонија, како и голем број а претставници на фирми од Македонија и од Турција.
По свеченото отворање на конференцијата, со изјава за медиумите се обратија постојаниот координатор на ОН и постојан претставник на УНДП, Луиза Винтон, министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, министерката за локална самоуправа, Ширет Елези, а за можностите за инвестирање во Македонија, со своја презентација пред учесниците се обрати економскиот промотор на Македонија во Измир, Алев Сулејман.
Винтон, обраќајќи им се на медиумите, рече дека програмата за развој на ОН со гордост ја поддржува оваа иницијатива на организирање можности за контакти меѓу претставниците на деловната заедница на Турција и Македонија, односно Пелагонискиот регион и истакна: „Бидејќи ние сме развојна организација, знаеме дека развојот на приватниот сектор е многу важен за да може да се отворат нови работни места и да се овозможи вработување за луѓето коишто живеат во овој регион и сѐ уште се соочуваат со големи предизвици“.
Министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф, во својата изјава нагласи: „Сметам дека ова е одлична можност за турските инвеститори, особено од регионот на Измир и особено за малите и средните компании коишто сакаат да го прошират својот бизнис и да настапат на Европскиот пазар, да дојдат и да инвестираат тука“.
Министерката за локална самоуправа, Ширет Елези, потенцирајќи дека главната цел на конференцијата е раменување контакти за идна соработка меѓу измирските компании и оние од Пелагонискиот регион, рече: „Целта е заеднички, со бизниси што веќе ги нудиме од овој регион, да им се дадат како можност и условите што ги нуди нашата држава и реформите за воспоставување нови бизнис зделки“.
Економскиот промотор на Македонија во Измир, Алев Сулејман, во својата презентација за можностите за инвестирање во Македонија рече дека секогаш Македонија е држава со одлична инфраструктура и територијална положба, квалитетна работна сила, а најважно од сѐ, според него, е тоа што Македонија има охрабрувачка и олеснителна законска регулатива за странските инвеститори.
Во своето обраќање, тој детално им ги претстави олеснителните околности што им ги нуди Македонија на учесниците и претставниците на измирските фирми и истакна: „Во Македонија можете да отворите фирма во рок од еден ден. Имаме модерен катастар и данокот може да се плаќа електронски“.
Во рамките на конференцијата, којашто продолжува и утре, покрај денешните презентации, се очекува да се остварат бизнис (Б2Б) средби, и на претставниците од Измир исто така да им се покаже регионот преку организирани прошетки.
news_share_descriptionsubscription_contact
