Merve Özlem Çakır,Tuba Şahin
02 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за развој на Република Турција, Љутфи Елван, денес изјави дека Турција е сѐ уште привлечна за странските инвеститори, иако против неговата земја во последните неколку месеци се води негативна кампања, јавува Anadolu Agency (AA).
Елван беше гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, каде што одговараше на прашањата од новинарите и уредниците на АА од сите делови на светот, и се осврна на актуелните случувања во Турција.
Тој зборуваше и во врска со прашањето за престојниот референдум за уставните промени во Турција.
„Сметам дека уставните промени навистина ќе го отворат патот на Турција и многу полесно ќе се движиме кон нашите цели поставени за 2023 година“, изјави Елван, додавајќи дека верува оти Турција во наредниот период ја очекува динамичен процес.
Тој нагласи дека во одредени кругови се зборува дека новиот систем би можел да ја наруши внатрешната структура на Република Турција. „Такво нешто не е возможно, бидејќи многу се јасни темелните принципи во Уставот. Напротив, овој систем ќе ја зајакне унитарната структура на нашата земја и земјата секогаш ќе ја водат силни влади“, истакна министерот Елван.
Кога се во прашање странските инвестиции во Турција, Елван нагласи дека неговата земја сѐ уште е привлечна за странски вложувања.
„Турција од аспект на странски инвеститори е сѐ уште привлечна земја. Против Турција во последните неколку месеци се води негативна кампања, а за жал, тоа го прави и лидерот на опозицијата во оваа земја. Такво нешто во минатото не е забележано“, изјави министерот Љутфи Елван.