Fatjon Cuka
21 Декември 2021•Ажурирај: 22 Декември 2021
ТИРАНА
Во Тирана, главниот град на Албанија се одржуваат средби кои претставуваат продолжение на иницијативата „Отворен Балкан“, со учество на премиерот на Албанија, Еди Рама, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерскиот состанок почна откако премиерот Рама во поранешната претседателска палата позната како „Палатата на бригадите“ ги пречека премиерот Заев и претседателот Вучиќ.
По лидерскиот состанок и пленарната сесија, ќе се одржи и церемонијата на потпишување на договорите, како и на Форумот за земјоделство и регионална соработка. По завршувањето на состаноците, предвидено е лидерите да одржат и прес-конференција.
На денешните состаноци се очекува да учествуваат и претставници на Европската комисија, Советот за регионална соработка и Стопанските комори од регионот.
Потсетуваме дека Северна Македонија, Албанија и Србија иницијативата за регионална соработка ја именуваа „Отворен Балкан", а на неа се поканети да се зачленуваат и Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
- Уапсени две лица за палење на српските знамиња
Во Тирана вчера се одржаа протести против доаѓањето на српскиот претседател Вучиќ и против иницијативата „Отворен Балкан“, на кои се случи и инцидент со палење на српски знамиња.
Албанската полиција информираше дека уапсила две лица, а кривично гони уште 6 други во врска со инцидентот.
Вчерашниот протест пред зградата на Владата во Тирана беше организиран од поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, и поддржувачите на опозициската Демократската Партија на Албанија. На демонстрациите се запалени четири српски знамиња поставени на булеварот по повод доаѓањето на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Организаторите на демонстрациите тврдат дека Вучиќ „сѐ уште не им се извинил на Албанците за злосторствата извршени врз нив“ и дека „Отворен Балкан е проект кој ја зголемува и јакне Србија и плановите на Голема Србија“.