Балкан

Во Албанија и Косово христијанските верници го одбележуваат Божиќ

- Христијанските верници во Албанија денес го слават Божиќ, со централни литургии во католичката катедрала „Св. Павле“ и православната катедрала во Тирана, а највисоките државни претставници упатиja пораки за мир и единство

Fatjon Cuka, Agim Sulaj  | 25.12.2025 - Обновена : 25.12.2025
Во Албанија и Косово христијанските верници го одбележуваат Божиќ

ТИРАНА (AA) - Христијанските верници во Албанија денес го слават Божиќ, со централни литургии во католичката катедрала „Св. Павле“ и православната катедрала во Тирана, а највисоките државни претставници упатиja пораки за мир и единство, јавува Анадолу.

Литургии и свечености беа организирани и во другите градови во Албанија, каде што верниците, заедно со верските великодостојници и јавни личности, го одбележаа еден од најважните христијански празници.

По повод Божиќ честитки упатија и највисоките албански функционери.

Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателот на Парламентот, Нико Пелеши и премиерот Еди Рама пратија пораки за мир, надеж и единство до христијанските верници.

„Среќен Божиќ, исполнет со надеж и благосостојба за сите наши христијански пријатели. Нека овој Божиќ биде извор на мир и радост, како и можност да поминете среќни моменти со вашите најблиски“, напиша Бегај на социјалните мрежи.

Претседателот на албанскиот Парламент, Нико Пелеши, исто така, објави честитка на социјалните мрежи. „Среќен Божиќ. Мир, светлина и благослов во секој дом, опкружен со љубовта на најдрагите луѓе“, напиша Пелеши.

Божиќ во Албанија се слави како официјален празник и е неработен ден во целата земја.


- Косово

По повод Божиќ, во катедралата „Света Мајка Тереза“ во Приштина беше одржана свечена миса со учество на католички верници и институционални претставници.

Централната божиќна миса во катедралата „Мајка Тереза“ во Приштина ја предводеше косовскиот бискуп, монсињор Доде Ѓерѓи.

Во своето обраќање бискупот Ѓерѓи ја нагласи важноста на овој празник како момент за размислување и благодарност кон Бог, посветувајќи особено внимание на потребата од мир, правда и заедништво меѓу луѓето.

Тој ја изрази загриженоста за глобалната состојба, истакнувајќи дека светот се соочува со длабоки морални кризи, војни, неправди и сиромаштија, кои сериозно ја нарушуваат надежта на младите генерации.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, која им упати честитки на католичките верници по повод празникот, изјави дека Божиќ пренесува пораки на надеж, мир и солидарност, вредности што, според неа, ја карактеризираат заедничката кохабитација и меѓурелигиската хармонија во Косово.

Османи ја нагласи важноста на меѓусебното почитување и општественото единство.

И вршителот на должност премиер на Косово, Албин Курти, упати честитки по повод празникот, истакнувајќи ја традицијата на верска толеранција во земјата и нагласувајќи дека Божиќ е можност за размислување, меѓусебно разбирање и заедничка посветеност за благосостојба и мир.

На Божиќ, исто така, во вечерните часови ќе се одржи миса во црквата „Свети Антониј“ во населбата Улпијана во Приштина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın