Ekipa
28 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Владина делегација во чијшто состав беа заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за финансии, Драган Тевдовски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, денеска присуствуваше на свечената литургија по повод христијанскиот празник Велигден, во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Со свечената Велигденска литургија, во сослужение со членови на Архијерејскиот синод и со свештенството на Соборниот храм, чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.
Владината делегација по Велигденската служба упати честитки по повод празникот до црковните претставници и до граѓаните.
Честитки по повод Велигден упатија и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот Ѓорге Иванов и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Како и секоја година, според традицијата, во сите православни храмови на полноќ се објавува Исусовото воскресение, а денеска се одржуваат велигденски литургии.
Празникот Велигден со свечени литургии беше одбележан и во земјите од регионот.