Abdula Berisha
27 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Потпретседателката на Алијансата за Албанците, Бујаре Абази, рече дека ставот на нејзината партија во врска со вториот круг на претседателските избори е нивните гласачи да одлучат според личните убедувања, јавува Anadolu Agency (AA).
Алијансата за Албанците одржа прес-конференција пред зградата на Собранието за да ја одбележи двегодишнината на насилството на 27 април, на која потпретседателката Бујаре Абази беше прашана околу претседателските избори што ќе се одржат на 5 мај.
Абази го повтори ставот на претседателот на партијата, Зијадин Села, истакнувајќи дека граѓаните треба да се ориентираат според понудите на кандидатите.
„Во демократските земји не се ни поставува прашањето за тоа кој треба да ги ориентира граѓаните. Значи, граѓаните се ориентираат врз основа на понудата на кандидатите кога се во прашање претседателските избори. Истото го кажа и претседателот, г. Зијадин Села, дека граѓаните ќе бидат слободни да одлучат според нивните убедувања“, рече Абази.
Алијансата за Албанците, заедно со Движењето Беса, на претседателските избори го подржаа независниот кандидат Блерим Река кој на првиот изборен груг одржан на 21 април беше трет по освоените гласови, не успевајќи да ја продолжи изборната трка во вториот круг.
Изборната трка ја продолжија кандидатите Стево Пендаровски, поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и партнерите од владејачката коалиција, како и Гордана Силјановска-Давкова од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до демонстрантите кои насилно влегоа во Собранието на 27.4.2017 година, Абази рече дека овој ден го симболизира жртвувањето за чување на демократијата и нејзините вредности, како и за зачекорувањето на земјата кон НАТО и ЕУ.
Пратеникот и актуелен претседател на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, имаше посериозни повреди за време на насилните настани на 27 април.
Потсетуваме, вечерта на 27 април 2017 година, во хаотична ситуација, за претседател на Собранието беше избран Талат Џафери, а демонстрантите организирани од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои беа собрани пред зградата на Парламентот, влегоа насила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.