Besar Ademi
27 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија денес напладне продолжи со конститутивната седница, на која се дебатираше за предлозите за именување на претседателот, заменик-претседателот, членовите и замениците на Комисијата за избори и именувања. Потврдата за составот на комисијата е предуслов за да продолжи парламентарната конституивна седница, која започна на 30 декември минатата година, но беше прекината бидејќи не беше постигнато парламентарно мнозинство за избор на нов претседател на Собранието на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
По тридневна координативна средба во Парламентот, парламентарните партии минатиот четврток постигнаа договор претседателот на Комисијата за избори и именувања да биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Според првичниот договор меѓу политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест членови во Комисијата за избори и именувања, СДСМ петмина, а ДУИ и Движењето БЕСА по еден член.
На денешната дебата во Парламентот беа претставени 51 пратеник, од вкупно 120, а на дневниот ред на седницата е и изборот на претседател на Собранието на Македонија, за што се потребни 61 глас од вкупниот број на пратеници.
Пратеникот од редовите на СДСМ, Петре Шилегов, истакна дека со потпишувањето на 20 пратеници веќе е поднесен предлогот за нов претседател на Собранието, Талат Џафери, од редовите на ДУИ. Тој на прес-конференција рече дека ВМРО-ДПМНЕ со своите реплики кон колегите од партијата имаат намера да ја одолговлекуваат седницата и да го блокираат процесот на работата на Собранието.

„Должност на парламентарното мнозинство е да ја преземе одговорноста и да избере претседател на Собранието. Во секој друг случај ќе бидеме соучесници во разнебитувањето на Македонија“, рече Шилегов.
Во меѓувреме, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, изјави дека новиот претседател треба да ја отфрли албанската платформа, бидејќи таа е подготвена од Тирана и има за цел да го поткопа унитарниот карактер, државниот суверенитет и независноста на земјата. Тој додаде дека е потребна дебата за составот на комисијата, затоа што оваа комисија ќе предложи нов претседател на Парламентот, кој е една од најважните функции на државата.

„Ние цениме дека Собранието на Република Македонија како највисок државен орган има обврска отворено, јасно и прецизно, без криење и молчење да дискутира за сите суптилни, значајни теми коишто се отворија по одржувањето на парламентарните избори, за теми коишто имаат такво значење што навлегуваат во целосно редефинирање на концептот на функционирање на Република Македонија како граѓанска и унитарна држава со мултиетничко општество“, изјави Димовски.
Димовски рече дека следната предвидена точка на дневниот ред е изборот на претседател на Собранието да не може да започне пред затворањето на претходната точка. Сепак, тој потврди дека единствениот начин за решавање на политичката криза што ја зафати земјата е да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните.
За СДСМ е најважно првиот човек на Собранието да има искуство, да го признае Собранието и парламентарната демократија. Од друга страна, Движењето БЕСА го потврдува ставот дека ќе номинира свој кандидат за претседател на Собранието, бидејќи централното раководство на партијата не донело никаква одлука за поддржување на кандидатот предложен од ДУИ. Во меѓувреме, од Сојузот за Албанците велат дека не е многу важно кој албански пратеник ќе дојде на оваа позиција, туку тој да биде Албанец.
Инаку, продолжувањето на конститутивната седница доаѓа по иницијативата што беше поднесена од СДСМ, а поддржана од страна на пратениците на ДУИ и Движењето БЕСА. Оваа иницијатива на новото парламентарно мнозинство брои 67 пратеници од вкупно 120 членови на Собранието на Република Македонија.
Деветтиот состав на Собранието беше конституиран на 30 декември минатата година, со потврдување на мандатите на 120 пратеници избрани на предвремените парламентарни избори на 11 декември, но беше прекината поради неуспехот да се обезбеди парламентарно мнозинство за избор на нов претседател на Собранието.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов најпрво му го врачи мандатот за формирање на новата влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој во рок од 20 дена не успеа да формира парламентарно мнозинство, по што претседателот Иванов ги повика на консултации лидерите на политичките партии што добија места во Парламентот и побара доказ за парламентарно мнозинство.
Иако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, му достави на претседателот доказ дека е обезбедено парламентарно мнозинство за формирање на новата влада, претседателот Иванов два дена подоцна одби да му го врачи мандатот со образложение дека нема да му го даде мандатот на кого било кој преговара за странски платформи со кои се загрозува македонскиот народ, се загрозува унитарниот карактер, суверенитетот и независноста на Македонија.