Ivana Ramadanova
22 Август 2017•Ажурирај: 23 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за финансии Драган Тевдовски денеска одржаа заедничка прес-конференција за искористеноста на ИПА-средствата, јавува Anadolu Agency (AA).
Османи пред присутните новинари истакна дека Владата планира да изработи нов мастер-план кој ќе биде поделен во три етапи за поефикасно користење на ИПА-средствата, истакнувајќи дека ИПА-фондовите за оваа година не се целосно програмирани, односно 150 милиони евра, или околу 25 отсто од средствата што биле ставени на располагање на Македонија не се искористени и тие ќе бидат вратени на Европската Унија.
„Токму во оваа критична смисла, забелешките во овој извештај ќе претставуваат главна основа врз којашто ќе се изгради нов мастер-план за реформа на ИПА-системот, но и за севкупни реформи во насока на зголемување на капацитетите на државната администрација за поголемо искористување на средствата од ИПА и поефикасно приспособување на државата кон стандардите од Европската Унија“, истакна Османи.
Според министерот за финансии, Драган Тевдовски, средствата од ИПА-фондовите се од огромно значење и помош за Владата на Македонија и потребно е да се води поголема грижа за оваа поддршка од Европската Унија.
„Досега, во рамките на ИПА 2007-2013 година се изгубени 119,7 милиони евра, а се утврди дека постојат ризици за губење на дополнителни 33 милиони евра. Затоа Владата прави напори за посилно ангажирање на сите капацитети во функција на поголема апсорбција на средствата и подобрување на пристапот на земјата кон нивно користење“, додаде Тевдовски.