Zylfije Adem Jakupi
23 Април 2021•Ажурирај: 25 Април 2021
ПРИШТИНА
Косово и Северна Македонија имаат одлични односи и многу заеднички точки, речено е денеска по состанокот на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и косовската шефица на дипломатијата, Доника Гервала, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката Гервала на заедничката прес-конференција по средбата со министерот Османи рече дека зајакнувањето на билатералните односи со соседната земја е заложба на нејзиното министерство и дека двете земји делат заеднички политички и економски интереси.
„Склучивме околу 30 меѓудржавни договори за соработка во многу области, имаме посети, интензивни состаноци на сите нивоа. Сево ова го прави она што може да се нарече модел на регионална соработка и добрососедството. Ова е практична демонстрација на добрососедство и можеме да кажеме дека даваме свој придонес за целиот регион во приближувањето на Балканот кон Европската Унија“, нагласи Гервала.
Министерот Османи рече дека се разговарало за многу конкретни прашања од областа на економијата, инфраструктурата, како и едношалтерскиот граничен премин.
Тој порача дека Северна Македонија, како членка на НАТО, ја поддржува евроатлантската иднина на Косово и наведе дека присуството на КФОР на Косово претставува гарант на мирот и безбедноста.
„Република Северна Македонија ги поддржува напорите на регионот да ги затвори отворените регионални прашања, го поддржува дијалогот меѓу Република Косово и Србија и оценува дека крајната цел на овој дијалог треба да биде заемно признавање на двете земји и понатамошно европско патување на целиот регион“, истакна Османи.
Одговарајќи на прашањата на новинарите во врска со појавата на „нон-пејперот“, кој предлага ново прекројување на границите во регионот, косовската министерка Гервала оцени дека е многу опасно да се зборува за тоа без оглед кој го составил, бидејќи опциите од тој документ не се прифатливи и би довеле до нови судири.
И министерот Османи ја отфрли таквата опција и истакна дека тој документ не треба да се поврзува со пријателска Словенија, која тоа го демантира. Османи рече дека на Балканот се користени многу модели за решавање на спорните прашања и дека како добри се покажани Охридскиот договор и прогласувањето независност на Косово. Порача и дека единствената алтернатива за мир и стабилност е проширувањето на НАТО и зачленување на регионот во Европската Унија.
Министерот Османи беше примен и од претседателката на Косово, Вјоса Османи, а предвидени се и средби со премиерот Албин Курти и претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца.