Ekipa
05 Април 2020•Ажурирај: 06 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Република Северна Македонија потврди уште еден смртен случај од вирусот Ковид-19 во државата, со што вкупниот број на починати се искачи на 18 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, неколку часа по приемот во болница, починал маж од Лабуништа (Струга) на 63-годишна возраст донесен на Клиниката со тешка клиничка слика“, се вели во соопштението на Министерството.
Оттаму информираат дека во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 74 пациенти, 15 со тешка клиничка слика, 11 на механичка вентилација, а останатите пациенти се стабилни. Од Клиниката со два контролни негативни теста денес се отпуштаат тројца пациенти.
Од Министерството известија дека за 24 часа во земјата се регистрирани 72 нови случаи на коронавирус, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 изнесува 555 лица. Најмногу од регистрираните случаи се од Куманово (21), Скопје (14), Тетово (12) и Прилеп (9).
Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во Скопје - 235, Куманово - 114, Дебар - 49, Штип - 19, Прилеп - 33, Тетово - 29, Струга - 24, Велес - 10, Битола - 6, Охрид - 3, Кавадарци - 2, Гостивар - 4, Гевгелија - 4, Струмица - 2, Крива Паланка - 2, Радовиш - 3, Крушево - 2 и Кочани - 14.
Од Министерството за здравство информираат дека во изминатото деноноќие направени се 371 тест, а досега во земјата направени се вкупно 5.291 тестирање за Ковид-19.