AA
15 Април 2021•Ажурирај: 16 Април 2021
САРАЕВО
Серж Брамерц, главниот обвинител на Меѓународниот резидуален механизам за кривичните судови, пред Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) го претстави извештајот за процесуирањето злосторства извршени на подрачјето на поранешна Југославија.
Брамерц во ексклузивно интервју за Агенција Анадолија (АА) откри дека во најновиот извештај посебен фокус става на прашањето на воените злосторства, но и на прашањето за исчезнатите лица, со оглед на тоа дека тоа не е готово ниту по повеќе од две децении од завршувањето на војната. Се осврна и на прашањата за Жељко Ражњатовиќ - Аркан, кој е убиен пред да одговара пред Хаг, но и за Аркановата единица „Тигри“.
„Во својот најнов извештај го известив Советот за безбедност за напорите на Обвинителството за пружањето на помошта на националното процесуирање на злосторствата извршени во поранешна Југославија, како и за потрагата за исчезнатите лица. Како резултат на напорите на Обвинителството, низа важни сложени предмети префрлени се од Босна и Херцеговина во Хрватска, Србија, како и од Обвинителството на Механизмот во Црна Гора. Овој развој на настаните пружа можност на односните држави да постигнат поголема одговорност, особено во поглед на осомничените на високо и средно ниво на одговорност кои досега уживаа сигурно засолниште и неказнивост. Покрај тоа, Обвинителството продолжува да дава поддршка на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и националните власти во однос на прашањето за исчезнатите лица. Го потсетив Советот дека повеќе од две децении по завршувањето на судирите, 10.000 семејства сѐ уште чекаат да дознаат што се случи со нивните најмили и дека пронаоѓањето на сите исчезнати е хуманитарен императив“, рече Брамерц.
Инаку, Брамерц пред Советот за безбедност во повеќе наврати предупредуваше дека одамна требаше да се прекине со реториката од минатото и дека итно се потребни лидери кои ќе се залагаат за помирување и изградба на мир во регионот.
„Мојата порака е дека ситуацијата повеќе не може да се толерира. Време е јасно да се стави до знаење дека негирањето и величењето се неприфатливи. Мојата канцеларија и јас ќе останеме посветени на жртвите и ќе ги преземеме сите напори да помогнеме во промена на оваа ситуација. Ќе повторам дека негирањето на злосторствата најмногу ги казнува младите од земјите на поранешна Југославија, бидејќи наместо нивно зближување, ова ќе ги оддалечи“, смета Брамерц.
Наведувајќи дека ситуацијата со пандемијата од Ковид-19 ги спречила неговите редовни посети на земјите од регионот, меѓу кои и на Босна и Херцеговина, искажа надеж дека до таа посета ќе дојде.
Брамерц се осврна и на работата на Трибуналот од неговото постоење, нагласувајќи дека во Хаг е „откриена вистината за она што се случувало во текот на судирите“.
„Трибуналот постигна веродостојни резултати во текот на своите 24 години постоење. Обвинивме, процесуиравме и обезбедивме пресуди за многумина од најодговорните лица за злосторствата извршени на територијата на поранешна Југославија. Ја откривме вистината за тоа што се случуваше во текот на судирите и дадовме придонес кон развојот на Меѓународното кривично право. Нашата канцеларија продолжи да одржува рочишта во екот на пандемијата - го заклучивме судењето на Станишиќ и Симатовиќ и имавме жалбено сослушување во предметот против Младиќ. Механизмот и понатаму им дава поддршка на националните обвинителства, помагајќи им да ги изнесат пред правдата многумина сторители од средно и пониско ниво. Воспоставивме одлична соработка со Меѓународниот комитет на црвениот крст (МКЦК), пружајќи клучна помош во неговата потрага по лицата кои сѐ уште се водат како исчезнати низ поранешна Југославија. Исто така, важен бегалец од правдата од Руанда, Фелициен Кабуга, е уапсен благодарение на напорите на нашиот персонал и доведен е во Механизмот, каде што одговараше за вината кон крајот на минатата година“, укажа Брамерц.
Посебно се осврна на прашањето за пресудата на Ратко Младиќ, која се очекува во првата половина од оваа година.
„Сите ние секако мораме да почекаме да ја видиме пресудата на Жалбениот совет. Наше мислење, како Обвинителство, останува дека пресудите и казните доживотен затвор изречени на судењето се исправни и дека треба да се потврдат. Во низа случаи мојата канцеларија успешно докажа дека различни поединци се виновни за извршување на геноцидот во Сребреница во 1995 година. Исто така, подигнавме обвиненија за некои од нашите обвинети за геноцид кој се однесува на злосторствата извршени во бројни општини низ Босна и Херцеговина во 1992 година. Досега, советите не изрекоа пресуди за овие точки. Мојата канцеларија се жалеше на одлуката на Првостепениот судски совет во предметот против Младиќ во однос на ова прашање и чекаме одлука од Жалбениот совет. Се подразбира дека цврство верувам дека доказите со кои располагаме со доволни за докажување на геноцид и во овие општини. Инаку, не би ги подигнал тие обвиненија ниту би се жалел на ослободителните пресуди. Сепак, би сакал да нагласам дека Претресниот судски совет утврди дека тие злосторства претставуваат злосторство против човештвото и воени злосторства и дека Младиќ ги извршил со намера да уништи дел од група на босанските муслимани на повеќе локации. Тоа е многу важен заклучок на Претресниот судски совет. Што се однесува до здравјето на Младиќ, можам да кажам дека тој е во многу подобра здравствена ситуација отколку што бил оној ден кога е префрлен во Притворската единица на ОН. Жртвите и нивните семејства секогаш беа вистински херои на овој и на сите случаи. Без нивната храброст да дојдат и да сведочат против човекот кој им го уништил животот, ништо од ова не би било возможно. Сакам да изразам благодарност“, рече Брамерц.
Тој рече и дека одлуката кога Радован Караџиќ ќе биде испорачан во некоја од земјите на казна доживотен затвор ќе ја донесе претседателот на Судот во Хаг, Кармел Агиус.
„Тој ќе биде префрлен во една од земјите која склучила спогодби со Трибуналот за извршување казни кои ги изрече Трибуналот“, појасни главниот обвинител.
Со оглед на тоа дека пандемијата влијаела на обновениот процес кога станува збор за поранешниот шеф на Службата за државна безбедност на Србија (СДБ), Јовица Станишиќ и за оперативецот на таа служба, Франко Симатовиќ, кои се обвинети за прогон, убиства, присилно преместување и депортација на Хрватите и Бошњаците во Хрватска и БиХ, рече дека очекува пресудата да биде изречена ова лето.
На прашањето каков би бил исходот од судењето во предметот за Жељко Ражњатовиќ - Аркан против кого на 31 март 1999 година Хаг подигна обвинение, пред да биде убиен во Белград и случајот почна, рече дека не може да говори за случај кој не е процесуиран.
„Не можам навистина да говорам за случај кој не е процесуиран. Но искрено се надевам дека моите колеги обвинители во регионот ќе бидат во можност да процесуираат некои од членовите на Аркановата единица и мојата канцеларија е спремна да ја даде сета потребна соработка и докази“, рече Брамерц.