Vesna Besiç
26 Октомври 2018•Ажурирај: 27 Октомври 2018
ВЕЛИКА КЛАДУША (АА) - Стотици мигранти и третата ноќ ја поминаа на отворено во близина на Граничниот премин „Велика Кладуша - Маљевац“ (граничен премин меѓу БиХ и Хрватска). Ноќта протече мирно, а се очекува оваа ситуација денес да биде решена, јавува Anadolu Agency (AA).
На ова подрачје утринава е осум степени Целзиусови, а мигрантите сè уште палат оган и на тој начин се обидуваат да се загреат. Тука и понатаму има 20-тина импровизирани шатори, кои слабо ги штитат од студ.
Портпаролката на Граничната полиција на БиХ, Санела Дујковиќ, изјави дека и понатаму се во тек преговорите и разговорите во врска со сместувањето на оваа група мигранти.
„Можеме да кажеме дека во овој момент, тука во близина на Граничниот премин „Маљевац“, е добро. Состојбата беше мирна цела ноќ, немаше ниту еден инцидент. Тука сè уште има стотици мигранти, и ранливи категории, жени и деца“, изјави Дујковиќ.
Според нејзините зборови, припадниците на Граничната полиција на БиХ, во соработка со полициските службеници на Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон, ќе ги преместат овие луѓе многу брзо.
„Но, кога ќе знаеме точно која е локацијата каде што можеме да ги преместиме. Во овој момент има неколку прифатни центри во опција“, појасни Дујковиќ.
Меѓу опциите е и фабриката „Бира“ во Бихаќ и во моментов се разгледува дали таа има доволно услови за толку многу луѓе, колку што се планира да се пренесат во тој центар.
„Мислам дека би било навистино трагично овие деца и четвртата ноќ да ја поминат во близина на граничниот премин, но колку гледам, сите надлежни органи се подигнаа овој проблем да се реши и јас очекувам дека тоа ќе биде решено денес“, истакна Дујковиќ.
Таа нагласи дека многу зависи и од партнерот - меѓународните организации и невладини здруженија, кои финансиски учествуваа во креирање на тие прифатни центри.
„Претпоставувам дека тоа е сега договор меѓу Министерството за безбедност, Граничната полиција, ИОМ и други организации. Во соработка или самостојно ќе го решиме овој проблем, а од вчера е само проблем сместувањето на луѓето што се наоѓаат тука“, порача Дујковиќ.