Husameddin Gina
26 Октомври 2018•Ажурирај: 28 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Во периодот 2008-2016 година во Македонија се убиени вкупно 70 жени. Од нив 54 жртви се идентификувани во анализата како случаи на фемициди, а 51 случај имаат основа да бидат квалификувани како фемициди“, истакна Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, јавува Anadolu Agency (AA).
Денеска во Скопје беше промовирана публикацијата „Анализа на случаи на фемициди - убиства на жени во Република Македонија“ во организација на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Осврнувајќи се на анализата, Елена Димушевска нагласи дека повеќе од 80 отсто од жените што се убиени во Македонија се убиени од страна на интимните партнери, без разлика дали се сегашни или бивши и без разлика дали живеат во брачна или вонбрачна заедница.
„Жените се убиваат во нивните домови, во домовите каде што треба да бидат најбезбедни, и се убиваат од страна на лица партнери или членови на семејството коишто треба да ги заштитат“, рече Димушевска.
Таа, исто така, нагласи дека поголемиот дел од убиствата се извршени со пиштоли, од кои најголемиот дел биле нелегално поседувани.
На промоцијата на публикацијата се обрати и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој рече дека промоцијата на публикацијата е прв чекор за да се преземат мерки во иднина да се намалат и спречат ваквите случаи на семејно насилство.
„Очигледно е дека мора да дојде до измени во Кривичниот законик каде што ќе се дефинира ова кривично дело како кривична правна материја, со цел да можат институциите да постапуваат, меѓутоа многу поважно е како да креираме систем на превенција“, истакна Спасовски.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека насилството врз жените во Македонија не е прашање на една институција, туку национално прашање и прашање на сите граѓани.
„Затоа Владата на Република Македонија до Собранието брзо по доаѓањето на власт ја предложи ратификацијата на Истанбулската конвенција, но не ја ратификувавме само Истанбулската конвенција, туку направивме оперативен план за нејзина реализација со конкретни чекори и мерки за секоја институција“, истакна министерката Царовска.
Постојаниот координатор на Обединетите нации и претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за Македонија, Луиза Винтон, истакна дека се горди што овозможија пари и импулс за изработка на оваа студија.
„Сега ги имаме податоците, благодарение на студијата што ги анализираше случаите на ваков вид насилство и она што е навистина важно и што е шокантно кое произлегува од оваа студија е дека речиси секој случај на фемицид можел да се спречи дали од поединци или од самите институции“, нагласи Винтон.
Фемицидот е глобално идентификуван како водечка причина за прерана смрт кај жените.
Под поимот фемицид генерално се подразбира намерно убиство на жена затоа што е жена, но пошироките дефиниции ги вклучуваат сите убиства на жени или девојчиња.