Vesna Besic
04 Јули 2021•Ажурирај: 06 Јули 2021
САРАЕВО (АА) - ВЕСНА БЕШИЌ -
Стотици малолетници се убиени во геноцидот извршен врз мажите и момчињата во Сребреница во јули 1995 година.
Повеќето се убиени додека се обидувале преку шумите да стигнат до слободната територија. Беа на почетокот на животот. Тукушто запишани или завршуваа средно училиште. Ги имаа своите први симпатии и планови за иднината.
Нивниот живот е прерано прекинат. Семејствата и денес, 26 години подоцна, ги бараат останките на своите во шумите во околината на Сребреница.
Азмир Османовиќ е еден од нив. Тој е најмладата жртва чии посмртни останки ќе бидат погребани на 11 јули годинава на колективниот погреб на гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари.
Имаше само 16 години кога е убиен.
„Роден е во 1979 година во нашето родно село Љешковик. Таму живеевме до 1993 година, а потоа сме протерани кон Сребреница“, раскажа Азир, братот на Азмир, за Агенција Анадолија (АА).

Рече дека по падот на Сребреница на 11 јули 1995 година, братот и таткото Азиз заминале преку шумата во надеж дека ќе стигнат до слободната територија.
„Мојата сестра, помладиот брат, мајка ми и јас тргнавме кон Поточари. Братот Азмир кај првата заседа на Каменичко Брдо се изгубиле со татко ми, талкал низ шумата со група момчиња кои со него одеа во истото средно училиште. Тие мислеле дека одат за Тузла, а всушност, се враќале назад, упаднале во минско поле и мојот брат тука загинал, во близина на селото Чушњари, од каде што тргна колоната луѓе“, наведува Азир.
Како што рече, неговите посмртни остатоци биле пронајдени на локацијата Полјанци, каде што и упаднале во минското поле.
„Во август 2018 година е пронајден само черепот, и тој е нецелосен. Решив да го закопам тој череп затоа што знам дека тешко ќе го најдам остатокот од телото, така барем да има место и гроб и каде што ќе можам да одам да проучам Фатиха“, вели Азир.
Се присети и на разделбата со неговиот брат кај бензинската пумпа во Сребреница.
„Со роднината ги поделија бисквитите што ги најдоа, дел од хуманитарна помош. Го ставија во ранците. Му рече на татко ни да тргнат. Тогаш се видовме за последен пат. Дента кога ме повикаа од Центарот за идентификација во Подриње и ме известија дека черепот, пронајден на таа локација, всушност е черепот на мојот брат, верувајте ми, ми беше исто толку тешко како тоа да се случи тој ден, како брат ми да беше убиен тој ден“, раскажува Азир.
Истакна дека преживеал многу во животот, страдања, но дека тоа било еден од најтешките моменти за него.
„Тоа ми беше еден од поголемите стресови“, рече Азир.
И покрај сите несреќи, Азир со неговото семејство се вратиле во Сребреница.
„Во 2003 година, бевме на трага на информациите каде бил убиен мојот брат. Враќањето во Сребреница се случи одамна. Студирав од Сребреница, а по дипломирањето останав тука. Како кустос во Меморијалниот центар работам 12,5 години. Секој ден зборувам за геноцидот и се обидувам да дадам некаков свој придонес за ширењето на вистината за она што ни се случи во јули 1995 година“, рече Азир.
На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари на 11 јули оваа година ќе бидат закопани посмртните останки на деветнаесет жртви на геноцидот извршен 1995 година во Сребреница.
Покој оваа година ќе пронајде и уште еден малолетник, Фикрет Кивериќ, кој имал 17 години во моментот на смртта. Оваа година конечен покој ќе најде и една девојка, Зилха Делиќ, којашто во моментот на смртта имала само 24 години.
Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари оваа година ќе бидат закопани и таткото и синот Хајро и Јусуф Аљиќ.
Најстарата жртва што ќе го најде својот последен мир во Меморијалниот центар Поточари е Хусеин Курбашиќ, кој имал 63 години во моментот на смртта.
Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари досега се закопани 6.652 жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година, додека на други локации, според желбите на семејствата, се закопани уште 237 жртви на геноцидот. Сè уште се трага по околу 1.000 жртви на геноцидот.