Dzihat Aliju
29 Октомври 2021•Ажурирај: 31 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадата на Турција во Скопје приреди прием по повод 29 Oктомври - Денот на прогласувањето на Република Турција пред 98 години, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во рамки на приемот приреден во Филхармонијата во Скопје, беше одржан концерт со композиции кои ги сакал основачот на модерна Република Турција, Мустафа Ќемал Ататурк. Од друга страна, со поддршка на Институтот „Јунус Емре“ беа презентирани омилените јадења на Ататурк.
На приемот присуствуваа претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска, амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на Институтот „Јунус Емре“, Шереф Атеш, пратеници, лидери на политички партии, амбасадори на различни земји, претставници на турски институции и организации во земјата и голем број гости.
Амбасадорот Секизќок во своето обраќање истакна дека Турција се наоѓа во регион каде што се спојуваат Балканот, Кавказот, Блискиот Исток и Медитеранот, и дека Ататурк цел век се придржувал на принципот „мир дома, мир во светот“.

Потсетувајќи дека корените на предците на Мустафа Кемал Ататурк потекнуваат од Македонија, Секизќок нагласи: „Знаеме дека Ататурк во неговата младост го дишеше воздухот на мултикултурната, колоритната и динамична атмосфера на [Северна] Македонија. Годините што Мустафа Кемал, угледниот ученик во воената гимназија ги помина во Битола, остави значајно влијание во обликувањето на неговите идеи и личност на патот да стане голем водач.“
Амбасадорот наведе дека се придава големо значење и на човечките врски во билатералните односи: „Горди сме што сме сведоци дека Вашето присуство и напори се многу вредни и ги продлабочуваат односите меѓу Турција и Северна Македонија, и на сите искрено Ви благодарам за ова.“

Секизќок, исто така, упати честитки до граѓаните на Северна Македонија, која оваа година ја одбележа 30-годишнината од нејзината независност.
Во рамките на приемот исто така, беше прочитана пораката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
- Изложба и конференција организирана од Институтот „Јунус Емре“ -
Во рамки на одбележувањето на Денот на Турската Република, во Музејот на македонската борба во Скопје, Институтот „Јунус Емре“ организира изложба со фотографии насловена „Од Ататурк кон Републиката“, како и конференција на тема „Револуциите на Ататурк и придобивките на Републиката“.
Во изјавата за медиумите пред почетокот на конференцијата, претседателот на Институтот „Јунус Емре“, Шереф Атеш, наведе дека оваа година за Денот на Републиката сакале да разговараат на конференцијата во регионот каде Ататурк е роден, одел на училиште и се образувал.

Атеш, исто така наведе дека во пресрет на 100-годишнината од Републиката сакаат да се потсетат на омилената храна на Ататурк, неговите омилени песни и околината во која живеел.
Истакнувајќи дека во рамките на конференцијата ќе бидат пренесени работите што со години се прават во Турција, Атеш додаде дека изложбата ги вклучува чекорите што Ататурк ги презел во Турција во 1920-тите и 1930-тите години.
Во презентацијата на тема „Револуциите на Ататурк и достигнувањата на Републиката“, проф. Д-р. Јасемин Доганер се осврна на политичките, социјалните, правните, економските и образовните случувања во Турција по прогласувањето на Републиката.
Меѓу другото, во основното училиште „Тефејуз“ во Скопје исто така беше одржана програма по повод 29 Oктомври – Денот на Република Турција.