Fatjon Cuka
04 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
ТИРАНА
Претседателот на Албанија, Илир Мета, се состана со претседателот на Големото народно собрание на Република Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, кој престојува во дводневна официјална посета на Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Средбата Мета- Шентоп се одржа во седиштето на Претседателството на Албанија, а во фокусот на нивните разговори беа прашањата за односите меѓу двете земји, помошта на Турција во градењето станови за семејствата погодени од земјотресот во ноември 2019 година, како и други прашања.
Според соопштението на Претседателството на Албанија, оценувајќи ги како одлични традиционалните односи меѓу двете земји и народи и подвлекувајќи ја важноста на нивниот понатамошен развој во иднина, Мета ја истакна потребата од натамошно зајакнување на економската соработка и зголемување на турските инвестиции во Албанија.
„Искуството за соработка како двајца сојузници на НАТО и стратешкото партнерство меѓу Албанија и Турција остануваат важна платформа на заедничките напори за безбедноста и мирот“, истакна албанскиот претседател Мета.
Исто така, во соопштението се наведува дека претседателот Мета му се заблагодари на претседателот на турскиот Парламент, Шентоп, за солидарноста и непосредната помош што ја дадоа турските власти по земјотресот од 26 ноември 2019 година, како и за посветеноста на Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган за изградба на становите за жртвите од земјотресот во Албанија, како и за изградба на болницата во Фиер.
Во рамките на првиот ден од посетата, претседателот на турскиот Парламент, Шентоп, се состана и со претседателот на албанскиот парламент, Грамоз Ручи, а се очекува да се состане со албанскиот премиерот Еди Рама.