Fatjon Cuka
26 Ноември 2021•Ажурирај: 27 Ноември 2021
ЕЛБАСАН (АА) - Во градот Елбасан во Албанија се одржа заедничка седница на Владата на Албанија и Владата на Косово, која е седмата заедничка владина седница меѓу двете земји, во чии рамки беа потпишани некои договори за соработка, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција по седницата, премиерот на Албанија, Еди Рама и премиерот на Косово, Албин Курти, се фокусираа на соработката меѓу двете земји, потпишаните договори и други теми.
Рама нагласи дека меѓу двете земји се потпишани неколку конкретни договори, укажувајќи на договорот за отпочнување на работите за физибилити-студијата за железничката линија Драч - Приштина.
Според него, одлучено е да се формира секретаријат за координација на двете влади во функција на сите договори и сите работи меѓу двете земји.
„Сигурно дека имаме два пристапа, става, различни мислења, но од друга страна, треба и вие и сите да се навикнат на фактот дека не можеме да мислиме исто за сите нешта, но тоа не ни пречи да ја употребиме сета моќ за да ги направиме заедно потребните чекори за иднината на двете земји“, нагласи Рама во врска со иницијативата „Отворен Балкан“.
Премиерот на Косово, Курти, истакна дека преку потпишаните договори и спроведувањето на постоечките договори меѓу двете влади, и понатаму ќе ја зголемат соработката за повеќе правда, еднаквост, развој и благосостојба за сите Албанци од двете страни на границата и во целиот регион.
„Соработката меѓу нашите две влади ќе ги зајакне нашите држави и ќе ги реализира соништата на граѓаните да живеат горди во нивната земја. Покрај тоа, оваа седница на двете влади и потпишаните договори се на хоризонтот на интеграциите во Европската Унија, која е наша судбина. Колку ќе бидеме интегрирани, толку ќе биде подобро за нашите граѓани и толку убедени и мотивирани ќе бидат за да го изградат животот на своите семејства во својата земја“, нагласи Курти.
Косовскиот премиер нагласи дека историската, културната и јазичната поврзаност меѓу двете земји се цврсти ветувачки јазли за зголемување на трговските размени и продлабочување на економската соработка.
Меѓу двете земји се потпишани 13 договори и протоколи за соработка во различни области.
Во овие рамки беше одржан и Бизнис-форумот меѓу Албанија и Косово со учество на Курти, Рама и претставници од бизнис-заедницата.