Fatjon Cuka
12 Декември 2020•Ажурирај: 13 Декември 2020
СКАДАР
За време на протестите организирани во албанскиот град Скадар поради смртта на 25-годишното машко лице, кое почина откако беше повредено во текот на полициска потрага, нападнати и уништени се локалните канцеларии на Социјалистичката партија на Албанија (ПС), која е под водство на премиерот Еди Рама, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестот на плоштадот „Луиџ Гуракуќи“ започна мирно со учество на граѓани и активисти со повик да се бара правда за смртта на младото момче, но ситуацијата ескалираше во насилни настани.
Група демонстранти, претежно млади, ја нападнаа локалната канцеларија на ПС со цврсти предмети, уништувајќи ги нејзините простори и опрема, а ги запалија и материјалите во оваа канцеларија.
За време на нападот врз локалната канцеларија на партијата на власт, интервенираше и полицијата за отстранување на демонстрантите, користејќи и солзавец.
- Реакција на премиерот Рама
Премиерот на Албанија, Еди Рама, преку социјалните мрежи реагираше во врска со овој настан.
„Терористите на Боко Харам ги користат децата како камикази, не се први меѓу редовите на малолетни злоупотребувачи. Историјата познава некои криминални случаи со деца, но мошне е болно тоа да се појави во Албанија како последно прибежиште за подбивање на опозициската политика“, напиша Рама.
Поради смртта на 25-годишното машко лице, во Албанија се одржаа протести, кои беа проследени со насилни настани, со кои беше предизвикана материјална штета на објектите на институциите и на другите објекти.
Настанот во кој 25-годишниот Клодиан Раша почина се случи околу 01:45 часот на 8 декември во Тирана, што се совпаѓа со времето за ограничување на движењето на граѓаните, а исто така беше уапсен и полицаец.
Настанот предизвика реакции кај политичките партии, активистите од граѓанското општество и граѓаните, кои предупредуваат на продолжување на протестите.