Fatjon Cuka
11 Декември 2020•Ажурирај: 12 Декември 2020
ТИРАНА
Во Албанија продолжија протестите поради смртта на 25-годишното машко лице, кое почина откако беше повредено во текот на полициска потрага, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите, претежно млади, како и на претходните два протести во Тирана, на почетокот се собраа пред зградата на Министерството за внатрешни работи. Протестот продолжи пред седиштето на премиерот н Албанија на Булеварот „Народни херои" и во другите делови на престолнината, каде демонстрантите кон полицијата фрлаа со камења и други предмети.
Полицијата фрли солзавец за да ги растера демонстрантите кои трет ден по ред протестираа, и покрај мерките против ширењето на коронавирусот (Ковид-19), со кои е забрането собирање на преку 10 лица на отоворени и затворени места.
По оставката на министерот за внатрешни работи Сандер Лешај, демонстрантите бараат и оставка на генералниот директор на Полицијата на Албанија Адри Велиу, како и прекин, како што нагласија, на полициското насилство и реформа на полицијата.
- Настанот во кој 25-годишното лице го загуби животот
Настанот во кој 25-годишното лице почина се случи околу 01:45 часот на 8 декември во Тирана, се совпаѓа со времето на ограничувањето на движењето на граѓаните, а исто така беше уапсен и полицаец.
Според официјалното соопштение од Службата за внатрешни работи и жалби при Министерството за внатрешни работи на Албанија, по повикот на полицијата да запре, младото лице не го послушал повикот на полицаецот и се обидело да избега од полицијата, поради што полицијата започнала потрага по него. Како што се наведува, полициските службеници откриле дека лицето со себе носело огнено оружје.
Еден од полицајците, откако не успеал да го фати лицето, кон него отворил оган со службено оружје, при што 25-годишникот бил повреден, а потоа го загубил животот во болница.
Службата за внатрешни работи и жалби проценува дека постапките на полицискиот службеник се во спротивност со стандардните процедури за употреба на огнено оружје, а во меѓувреме полицаецот е приведен.
Настанот предизвика реакции кај политичките партии, активистите од граѓанското општество и граѓаните, кои предупредуваат на продолжување на протестите.