Malik Hasa
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
ТИРАНА (АА) - Вкупниот број на жители во Албанија, заклучно со 1 јануари 2017 година изнесува 2,88 милиони, што е прв пораст на населението во земјата од 2001 година, соопшти денеска Албанскиот институт за статистика (ИНСТАТ), јавува Anadolu Agency (AA).
Во споредба со почетокот на минатата година, бројот на населението се зголеми за речиси 1.000, на почетокот на оваа година во Албанија живеат 2.876.591 жители, во споредба со минатата година, кога бројот изнесувал 2.875.592.
„Во текот на 2016 година, во Албанија се родени 32.000 бебиња, а починати се 21.000 жители. Иако нето-миграцијата забележа зголемување во однос на претходната година, таа сѐ уште остана негативна. За првпат од 2001 година, порастот на населението ја надмина нето-миграцијата, што резултира со мало зголемување на населението на 1 јануари 2017 година“, се вели во извештајот ИНСТАТ.
Во Тирана живее околу 30 отсто од вкупното население, што албанскиот главен град го прави најнаселен град во земјата, потоа следува Фиер (11 проценти), Драч (10) и Елбасан (10).