Zülfiya Yakup
13 Февруари 2017•Ажурирај: 13 Февруари 2017
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денес во Приштина одржа консултативен состанок со цел основање на Комисијата за утврдување на вистината и за помирување, на кој учествуваа високи косовски официјални лица, амбасадори акредитирани во Косово, претставници на цивилното општество од сите заедници и верски лидери, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи изјави дека цел на основањето на независната Комисија за утврдување на вистината и за помирување, е да се даде поддршка на внатрешниот дијалог меѓу заедниците во Косово, како и да се создаде здрава основа за помирување. Тој напомена дека оваа комисија не е замена за ниту еден превосуден механизам, ниту замена за дијалогот меѓу Косово и Србија во Брисел, туку треба да биде помош во постигнувањето на нов договор за меѓудржавното примирје меѓу Косово и Србија.
Косовскиот претседател истакна дека 28 години по војната, болката, стравот, омразата и непријателството предизвикани со војната во Косово се и понатаму присутни, но дека Косово не смее да остане заложник на минатото.
„Првото и најбрзо албанско-српско помирување се случи меѓу семејствата на исчезнатите лица, кои меѓусебно си ја разбраа болката, станаа речиси како едно семејство кое работи со заедничка цел – да се затвори поглевјето за исчезнатите членови на нивните семејства. Тоа е најдобар пример за сите други кои треба да се свртат кон иднината, да се затвори поглавјето на минатото“, изјави Тачи. Тој исто така истакна дека помирувањето не се постигнува со условување, туку со добра волја.
Премиерот на Косово, Иса Мустафа изјави дека минатото не било лесно за Косово, но дека ни иднината не е без тешкотии. Тој ја поддржа иницијативата за основање на оваа комисија, која ќе придонесе за соработка, дијалог и за јакнење на сите заедници во Косово.
„Можеме да ја надминеме ситуацијата доколку го разјасниме минатото, доколку сите преземеме одговорност за она што се случи во минатото, доколку ја расветлиме судбината на исчезнатите, убиствата и многубројните силувања за време на војната, оштетувањето и уништувањето на имотот, материјалната штета, и сето тоа ќе помогне да ја разјасниме заедничката иднина“, изјави Мустафа.
Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели изјави дека мора да се соочат со минатото за да ги излечат раните. Тој наведе дека злосторствата мора да бидат казнети низ правосудството, за на граѓаните да им се даде шанса за помирување, и со основањето на оваа комисија сака да се забрза процесот на помирување и движење кон иднината.
„За жал, до денес не добивме ниту политичка одговорност од српската држава. Одговорните треба да преземат одговорност и да излезат пред судот, додека општеството не смее да стане заложник на тоа. Надлежните институции треба со факти да го одредат правецот на ова прашање за на граѓаните да им се даде шанса за помирување и иднина“, истакна Весели.
Американскиот амбасадор во Косово, Грег Делави изјави дека оваа комисија треба да направи извештај за фактите и вистината и да даде препораки за понатамошни чекори кон помирувањето. Тој изрази надеж дека преку комисијата ќе бидат опфатени граѓаните од сите заедници во Косово, со ветување дека САД ќе остане партнер на Косово во потрага по вистината.